Бугарската влада попушта пред притисокот на протестите против високите цени на струјата. По оставката на министерот за финансии, бугарските власти влегоа во регионалната електродистрибутивна компанија, во сопственост на чешкиот ЧЕЗ, со цел да проверат дали има неправилности во работата на компанијата, јавија бугарските медиуми. Иако чешката компанија тврди дека работи согласно законот и обвинува дека контролите се политички мотивирани, ако надлежните откријат дека има проблеми, можно е одземање на лиценцата за работа во Бугарија.
Претходно Чез ја загуби лиценцата за дистрибуција на електрична енергија во Албанија.
Бугарските власти ја контролираат и работата во дистрибутивното претпријатие во сопственост на чешката фирма „Енерго-Про“ и „австриската ЕВН“. Сите три дистрибутери се на удар на критикита поради високите јануарски сметки за струја, против кои илјадници Бугари протестираа изминатите денови.
„Доколку се покаже дека дистрибутерите работеле спротивно на условите во лиценцата, ќе се покрене процес за одезмање на истите“, изјави министерот за правда и енергетика Дељан Добрев.
Тој истовремено ја исклучи можноста Владата да ги национализира дистрибутивните претпријатија, што беше споменувано изминатите денови и појасни дека за покренување на процесот за одземање на лиценца на ЧЕЗ, треба да се одлучува следните денови. Во дистрибутивните компании „Енерго-Про“ и „ЕВН“ контролата почна денеска, па резултатите ќе треба да се почекаат 20-тина дена.
Протестите низ цела Бугарија траат повеќе од една недела, а граѓаните се незадоволни поради тоа што во јануарските сметки ставките за сервис и дистрибуција биле за околу 120 отсто повисоки од ставките за потрошена струја. Тие бараат национализација на дистрибутивните мрежи, а дел од демонстрантите и оставка на Владата која сметаат дека е виновна за ваквиот развој на настаните.
Само во Софија вчера околу 3 илјади лица излегоа пред Парламентот и министерствата за економија и енергетика носејќи слогани „Струја+Невработеност=Геноцид“ и извикувааа „Мафија“ и „Поднесете оставки“. Протести истовремено се одвиваа и во десетина други градови, меѓу кои и Варна каде што околу 5 илјади демонстриранти протестираа пред зградата на електродистрибуција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.