Од каде идејата за телевизискиот проект „Кралеви на успехот“?
Ацев: Од крајно чудно место. Од социјалната мрежа „Твитер“. За мене тоа е место каде што има доста здрави размислувања и ставови на македонската младина пред се, а потоа и на сите оние кои се корисници. Јас сум тотално навлечен на „Твитер“, а твитерџиите се моја секојдневна дрога. Токму од нивните ставови за медиумите и она што им се сервира секојдневно ми дојде и идејата за овој нов телевизиски проект. Така да твитерџии, ви благодарам за инспирацијата, ќе ве почестам сите на твит-ап.
Колку епизоди се предвидени и кои се успешни ликови од бизнис секторот ќе може да ги видиме?
Ацев: Веќе од следната седмица ќе започнеме со емитување на првата сезона на „Кралеви на успехот“ во која има десет епизоди. Во првите две епизоди ќе се запознаеме со успешни имиња од нашата земја, а од третата епизода ќе имате можност да ги видите сите оние личностите кои светот ги смета за бизнис елита. Ќе започнеме со Ексавиер Бургат кој од желбата да биде пилот, денеска командува со најголемата компанија за производство на авиони „Аирбус“ (Airbus), потоа следува Кејти Морс од „Билборд“ (Billboard), девојката која е одговорна за светските музички хитови, па ќе ја слушнеме инспиративната приказна на Рикардо Веб, човек кој пред две години бил шанкер, за денес да раководи со „Нокиа“ (Nokia), и уште неколку интересни приказни.
Каде и кога се снимаше телевизискиот проект?
Ацев: Првата сезона се снимаше во март во Загреб, Хрватска, за време на најголемата конференција за маркетинг и односи со јавност во регионот, „Marketing Kingdom III“. Благодарение на „PWorld“, првиот глобален бренд од Македонија, успеавме да дојдеме до сите гости кои патем беа и говорници на конференцијата.
Сметате ли дека е потребен ваков тип на емисија?
Ацев: Па, затоа и ја направивме. Да, дефинитивно недостасуваше ваков тип на емисија, со оглед на тоа дека станува збор за не толку класичен вид на бизнис емисија, со блага нота на забава и несериозност и секако со емоционалните делови од интервјуата со нашите гости, сметаме дека имаме приказна која сите ќе ја следат, но сепак малкумина ќе ја разберат. Јас лично ќе сум среќен ако сите од секоја емисија се инспирираат да превземат акција околу остварувањето на сопствените соништа.
Што е потребно за да се подготви тв-магазин за да биде предизвик на гледачите да го следат?
Ацев: По ова прашање сум барал доста често одговор, но за жал сеуште ја немам целосната дефиниција. Публиката можеме да претпоставиме што сака да следи, но никако не смееме да кажеме дека токму ова што ние го нудиме ќе биде предизвикот кој ќе ги задржи гледачите. Сметам дека во медиумите кај нас постои еден генерален проблем на ерго его борба за тоа кај да биде подобар. За жал во таа борба губат гледачите, бидејќи наместо да им се понуди квалитет им се дава квантитет кој за мене има вредност на едно канче кисело млеко и три кисели зелки за сарма. А, сарма не јадам.
Бидејќи е твој авторски проект, што е она што ќе го задржи вниманието во јавноста?
Ацев: Се надевам дека тоа ќе бидат оние моменти од емисиите каде што светската бизнис елита е ништо повеќе од само еден обичен човек. Оние делови каде што не зборуваме за пари, туку за животниот успех, кога ќе сфатиме дека и тие се исти како нас, со истите проблеми и предизвици, ги сакаат истите работи и се радуваат како и сите на мали нешта. Имавме момент кога на еден од гостите среде снимање му се јави синот за да му соопшти дека добил негативна оцена на училиште. Во тој момент јас пред мене гледав родител како и сите останати, татко кој го советуваше синот да се посвети повеќе на учењето, но и го прекори затоа што дозволил тоа да се случи. Тие моменти во секоја емисија мислам дека се она што ќе го задржи вниманието на јавноста. Сознанието дека не е важна нашата банковна сметка, туку тоа дека сите исто сме усмерени кон освојување на најголемото богатство, чиста среќа.
Која приказна ти остана во сеќавање односно да речеш тоа интервју и тој менаџер е најдобар во својата работа, ќе можеш ли да ни издвоиш еден од многуте снимени менаџери?
Ацев: Тешко е да се одлучам кој менаџер е најдобар во својата работа, бидејќи секој од нив направил толку многу што едноставно е совршен во својата област. За да бидеш сметан како дел од светската бизнис елита треба да имаш идеја која на некаков начин ќе го промени светот. Сите гости имаат и имале генијални идеи со кои досега направиле промени и сите се најдобри. Но, сепак можам да ги издвојам приказните на Оливер Кемпкенс од консултантската куќа „Adapt or die“ и Рикардо Веб од „Nokia“. Патот на Оливер е доста интересен, тргнува од Белорусија како дете од сосема обична фамилија за денеска да биде врвен иновативен менаџер кој 12 години го менува ликот на светски познатите брендови. Приказната пак на Рикардо Веб започнува од Јужна Африка каде пред две години тој се решава да продаде се што поседува и да замине за Лондон. Денеска е на врвот од „Nokia“, а како му се променил животот ќе дознаете во емисијата.
Кој е трнливиот пат до успехот односно од 0 да се направи топ менаџер?
Ацев: Работа, работа, работа. Константно вложување во сопственото образование, формално и неформално, многу непроспиени ноќи и подготвеност за големи жртви. Секако целиот рецепт треба да биде зачинет со малку среќа за да се најдете на вистинското место и создавање на добар круг на пријатели. Но сепак, работата и пожртвуваноста кон својата амбиција доаѓа на прво место.
Петар, работиш и како ПР менаџер во БАС, кои се твоите активности во тој сегмент и каков предизвик ти претставува образованието, иако претходно беше дел од забавни емисии, дали со тоа и ти созреа?
Ацев: Пред седум месеци со завршувањето на телевизискиот проект „24 Ексклузив“ се најдов на раскрсница. Што понатаму? Секогаш сум сакал големи предизвици и промени во мојот живот и затоа кога дојде понудата од Бизнис академија Смилевски без многу размислување се фатив во костец со предизвикот. Во последниве месеци работиме на промоција на вредностите на академијата пред широката јавност и зошто БАС се разликува од останатите високообразовни институции. За мене лично можам да кажам дека БАС ми помогна да ги поминам досега најголемите промени кај мене. Повеќе не ми е во фокус на интерес “ринглата на Кико“ или “долната облека на Тамара“, не дека има нешто несериозно и лошо во естрадното новинарство, но сепак онаму каде што сега се наоѓа мојот живот е токму местото каде што се чувствувам среќен. И плус додадов скоро десет килограми на мене.
Која е твојата порака до младите да го следат својот сон?
Ацев: Секогаш велам: „Ако некој пред десет години ми раскажуваше каков ќе ми биде животот, ќе го наречев луд.“ Но, сепак соништата се остваруваат, само треба да бидете фокусирани кон она што го сакате и катадневно да се обидувате да бидете чекор поблизу до остварување на вашите сни. Го работам она што отсекогаш било моја љубов, новинарството и односите со јавност, но мислам дека разликата е во тоа што работам со страст. И секогаш се трудам да мислам спротивно од „глутницата“. Мислете на пари кога работите, тоа е искрено и ќе ве доведе онаму каде што сакате, но и кога мислите на парите тоа нека биде со страст. Ако мислите пак на вашите амбиции и остварување на соништата и ако сте целосно насочени кон нивно исполнување тогаш тоа и ќе се случи. Мислам дека треба да бидете пожртвувани кон целта, искрени пред себе, да се трудите со возбуда да го работите она што го сакате и секогаш кога ќе исполните дел од вашиот сон, сонувајте уште поголемо.
Фото: Кокан Палашев
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ја загуби опкладата и му се соблече гола сред емисија (видео)
-
Георгиевски: Сакаат да ја поделат Македонија на три дела и македонскиот народ да го окарактеризираат како геноциден
-
Водител во емисија во живо „случајно“ нацрта пенис и стана хит на интернет (Видео)
-
Скандал во утринската програма- Јована и Срѓан инсистирале пејачот да ја открие вистината