| четврток, 6 декември 2018 |

Виторио Стораро: Филмот е сон што се сонува заедно!

Тој се согласи да соработува само со една испратена е-порака, која бев доволно храбар и луд да ја пратам, вели Љупчо Тодоровски-Упа, автор на сценариото за филмот „Мајсторот“

Film84-Storaro-1

Магот на филмската фотографија, Италијанецот Виторио Стораро, ќе снима во Македонија. Станува збор за филмот „Мајсторот“, за кој сценариото го напиша Љупчо Тодоровски-Упа, а ќе го режира Иво Трајков. Двоецот Трајков -Тодоровски е мошне задоволен од поддршката што ја дава државата за филмската уметност и од соработката со Стораро. Актерската екипа ќе биде интернационална. Главните улоги ќе ги толкуваат македонски актери, но беа најавени и големи ѕвезди од Бугарија и од Турција.

– Импресивната биографија на Стораро кажува доволно за големината на овој автор. Презадоволни сме што ова големо име ќе биде дел од филмот. Тој се согласи да соработува само по една испратена е-порака, кој бев доволно храбар и луд да ја пратам – изјави Тодоровски.

Film84-Storaro-2

Се очекува првата клапа да биде во септември, по потврдувањето на сите копродукциски партнери, заокружување на буџетот и комплетирањето на меѓународната екипа, во која ќе бидат и водечки македонски актери. Потписникот на педесетина филмски наслови, деновиве е во Македонија заради подготовки на новиот филмски проект. Седумдесет и четиригодишниот Стораро не е првпат во Македонија. Во 2005 година ја доби „Златната камера 300“ за животно дело на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола и има само пофални зборови за нашата земја.

Светски познатиот снимател од Рим рече дека „Мајсторот“ нема да раскажува само македонска приказна, туку во себе носи универзални вредности.

– Се работи за основен концепт на рамноправност меѓу луѓето и религиите. Јас, секако, ќе се обидам да го обработам мојот дел – преку слика да ѝ ги пренесам на публиката таквата визија и таквиот концепт. Освен што филмот ќе ги истакнува националните вредности на Македонија, значајно е што универзалниот концепт во Македонија влегол во сила пред 200 години. Значаен чекор е и соработката и соединувањето на две култури, на Македонија и на Италија. Верувам дека на цивилизациско ниво не можеме сами да пораснеме, растеме заедно, а филмот е сон што заедно се сонува – истакна Стораро.

Соработката била договорена кога сценаристот и продуцент Упа го поканил Стораро пишувајќи му кратка е-порака.

– Бев доволно храбар и луд да мислам дека големите уметници се, пред сѐ, луѓе, кои може да препознаат една универзална идеја – вели Упа.

Зборувајќи за филмот, посочи дека тој се занимава со македонскиот национален идентитет, со порака дека светот се освојува прво од својот двор и дека мотото е „наведната глава сабја ја сече“ – спротивно на тоа што го кажува поговорката.

– Се исправа историска неправда, се отфрла начинот на мислење за Македонците како за инфериорни… Ова е приказна за личната драма на еден голем уметник во битни историски настани и спротивставени околности, за најголемиот црквоградител на Балканот, за мајсторот, кој решава првпат во историјата на својот народ да го поткрене подот на христијанската црква на ниво на земјата и симболично да покаже дека сме еднакви со сите други, а посебно со муслиманската религија. Тоа е филм за еден татко, кој учејќи го својот син што е вредно за живеење и следејќи го своето кредо, доаѓа во невозможна ситуација – да го претвори во живот тоа што го проповеда – рече Тодоровски-Упа. Соопшти и дека покрај познати македонски актери, во меѓународната актерска екипа ќе бидат и водечки турски актери и многу познат бугарски актер.

Film84-Storaro-3

За прифаќањето на поканата за учество во филмот од страна на Стораро е благодарен на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која заедно со сценаристот и со режисерот го прими во својот кабинет.

– Виторио Стораро е едно од најзначајните имиња во историјата на филмот и на светската кинематографија, кој работел со познати светски режисери. На наше огромно задоволство тој е деновиве во Македонија и сакам лично да му се заблагодарам за неговите позитивни зборови, кои ги кажа за сценариото на филмот „Мајсторот“. Се надевам на голем успех на филмот – рече Канческа-Милевска.

На средбата таа го запознала Стораро со плодната продукција во македонската кинематографија, со измените на Законот за филмска дејност и со олеснувањата за странските продуценти што ќе снимаат во Македонија.

Подвлече дека Македонија и Италија имаат блиски и пријателски врски во културата потсетувајќи дека лани во нашата земја се одржа италијанскиот фестивал за деца „Џифони“.

Film84-Storaro-4

Амбасадорот на Италија, Ернесто Масимо Белели, пак, смета дека соработката меѓу двете земји во културата е одлична и официјализирана со потпишаните договори.

– Ова нема да биде само копродукција, туку едно соединување меѓу италијанското искуство и македонскиот филмски сектор. Македонија и Италија се блиски земји, тесно соработуваат и сигурен сум дека интелектуалниот гениј на двете нации ќе даде одлични плодови – вели Белели.

Film84-Storaro-5Виторио Стораро како директор на фотографија е потписник на педесетина филмски наслови. Роден е во Рим, 1940 година. Бил најмлад запишан студент на државното училиште за кинематографија, асистент на камера, снимател-оператор. Посетувал галерии изучувајќи ги делата на големите уметници. Тој е и најмлад добитник на наградата за животно дело на Американското здружение на сниматели. Првиот „Оскар“ го добил за филмот „Апокалипса сега“ во режија на Копола, со кого соработувал и подоцна. Вториот „Оскар“ го добил како директор на фотографија на филмот „Црвени“ на Ворен Бити. Третиот „Оскар“ Стораро го добил за филмот „Последниот император“ („Последниот кинески цар“) на Бертолучи, со кого имал долга соработка и за кого ги снимил филмовите „Последното танго во Париз“, „Чај во Сахара“, „Месечина“, „Конформист“, „Стратегија на пајакот“, „Малиот Буда“.

Кинематографијата ја сфаќа во нејзиниот буквален превод – пишување со светло и со движење. Како снимател е многу иновативен. Изработува колорни гелови за осветлување, кои ги користи за да ги спроведе своите теории за емоционалниот одговор на боите. Го создава филмскиот систем „унивижн“ (Univision) и развива нови технологии.

(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 84. број на неделникот „Република“, 11.04.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top