| четврток, 6 декември 2018 |

Детали за апсењето на владиниот функционер поради примање мито

Министерството за внатрешни работи подолг временски период работеше на прибирање сознанија во врска со коруптивни активности на одредени вработени во Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, за што  за 34-годишниот Д.Р. од Скопје, вработен во Агенцијата, е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело примање награда за противзаконско влијание.

Пријавениот, во својство на службено лице, а заради здобивање со противправна имотна корист, во текот на минатиот месец побарал парични средства во износ од 200 евра од оштетен државјанин на Р.Македонија за да му посредува во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и во руралниот развој, преку ИПАРД програмата, и да добие субвенции за купување земјоделска механизација – трактор.

Случајот, од страна на оштетениот, на 18 минатиот месец беше пријавен во Министерството за внатрешни работи на РМ (за што е поднесен Записник за примање на кривична пријава), за кој кривично правен настан известен е Јавен обвинител при ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и превземани се потребните мерки и активности за обезбедување на докази и документирање на кривичното дело.

Завчера (14.4.), осомничениот околу 20.00 часот остварил средба со оштетениот во угостителски објект лоциран во населба Аеродром, при што покрај потребната документација за добивање субвенции за купување на земјоделска механизација – трактор ја примил и претходно побараната парична награда во износ од 200 евра, кои потоа заедно со документите ги ставил во бела папка.

Веднаш потоа, врз основа на Наредба за претрес на лице, издадена од Судија на претходна постапка при Основен суд Скопје – 1 Скопје, постапено е по истата при што при личниот претрес кај пријавениот, кој во тој момент се уште се наоѓал во угостителски објект, во белата папка пронајдени се четири банкноти во апоени од по 50 евра кои претходно беа технички обработени како и документацијата во фотокопија. Пронајдените парични средства и предмети се одземени со потврда за привремено одземени предмети, а лицето е лишено од слобода.

Исто така постапено е и по судска Наредба за претрес на дом и други простории, и извршен е претрес во неговиот дом во населба Аеродром, каде пронајдена и одземена е разновидна службена документација од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, за што е издадена потврда за привремено одземени предмети.

Кривично пријавениот службеник е предаден на Судија на претходна постапка, при Основниот Суд Скопје 1 Скопје, од чијашто страна му е изречен притвор од 8 дена.

За потсетување, неодамна МВР спроведе акција, под име „Тера“,  со цел лишување од слобода вкупно седум лица, кои во период од 2008 година до 2010 година во повеќе наврати злоупотребиле субвенции за сточен добиток предвиден во програмите за финансиска поддршка во земјоделието. На овој начин пријавените службени лица, на сопствениците на стадото за период од 2008 година до 2010 година им овозможиле да прибават противправна имотна корист во износ од 3.357.226 денари на штета на Буџетот на Р.Македонија и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој.

Инаку, во рамки на борбата против организираниот криминал и корупцијата, од 2006 година наваму беа опфатени поголем број односно над 450 новоименувани, актуелни државни функцинери или службеници, во 50-тина разни случаи. Само во изминативе неколку месеци од годинава, МВР поднесе 8 кривични пријави кои се однесуваат на разни коруптивни кривични дела.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top