| четврток, 6 декември 2018 |

Ангелов: Поранешен командант на ОНА не смее да ја води одбраната

Според претседателот на Достоинство, изборот на Талат Џафери е понижување на македонските бранители

4EABC5D0F154AD48AE219A79D447B28D
Претседателот на Достоинство Стојанче Ангелов побара од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да не му дадат поддршка на Талат Џафери да стане нов министер за одбрана. На прес-конференција пред Собранието, Ангелов рече дека Џафери не треба да раководи со одбраната затоа што е поранешен командант на ОНА кој пред 12 години ја нападна Македонија. Изборот на Џафери, според него, е понижување на македонските бранители.

„Ги повикувам сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои во срце останале вистински вмровци и за кои сум убеден дека сe уште ги има во ВМРО-ДПМНЕ. Соберете се барем десетина и не гласајте за овој понижувачки предлог. Само 9 вистински вмровци од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се доволни за да се избегне оваа национална катастрофа“, рече Ангелов.

Собранието денеска треба да избере нови министри. По оставките на Теута Арифи од евроинтеграции и Невзат Бејта од локална самоуправа, премиерот Никола Груевски предложи министерот за одбрана Фатмир Бесими да ги преземе евроинтеграциите, на негово место да дојде пратеникот Талат Џафери, а актуелниот-заменик министер за транспорт и врски Тахир Хани треба да биде нов министер за локална самоуправа. Промени ќе има и на заменик-министерските места. Арифи и Бејта поднесоа оставки, затоа што се кандидираа за градоначалници на Тетово, односно Гостивар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top