Претходно, Иванов на почетокот на својот говор потенцираше дека е чест да се биде во Демир Хисар, родно место на многу значајни луѓе, големи луѓе, бидејќи овој крај дал навистина великани на Македонија. Поради тоа, рече Иванов, мора да се има почит, за родното место на тие големи Македонци.
Иванов вели дека изминатите пет години од неговиот мандат покажал дека со работа, чесност, труд и искреност се добива довербата на граѓаните.
-Благодарен сум што довербата на граѓаните за овие пет години постојано растеше и прв пат до сега додека се мери довербата на институцијата Претседател, има највисока доверба меѓу граѓаните. Тоа е за почит. Благодарам. Дури 56% граѓаните имаат доверба во институцијата Претседател. Но човек лично го исполнува некое чувство на самодоверба, кога гледа дека 74% од граѓаните на Македонија, сметаат дека чесно сум ја обавувал функцијата Претседател. Недалеку од тука е Смилево, неодамна го посетивме. Родното место на Дамјан Груев. Не можеме а да не се потсетиме на неговите зборови дека само со сопствени сили можеме да се избориме за ослободување на Македонија. Затоа и во Смилево беше донесена Одлуката да се дигне востанието. На дел Илинден. Првиот Илинден беше борба за слобода, вториот Илинден беше борба за државност, третиот Илинден на 8-ми Септември 1991 година, беше ден кога ја освоивме битката за независна и суверена држава – Република Македонија. Сонот на илинденците, сонот на АСНОМ-ците. Остварувајќи го овој сон, добивме два завета: завети од нашите предци, кои сме должни да ги исполниме, Првиот завет беше дека да не дозволиме некој друг да одлучува за нас – без нас. Секогаш кога некој друг одлучувал, без да не праша, без да не консултира, се носеле кобни одлуки и се правеле штетни компромиси на сметка на Македонија и за македонскиот народ – потенцираше Иванов во својот говор во Деми Хисар.
Иванов порача дека, по многу векови конечно имаме своја држава – Република Македонија, а сега сами одлучуваме за нашата иднина и за иднината на нашите потомци.
-Како Претседател, не дозволив Македонија да биде само пасивен набљудувач на меѓународните збиднувања. За разлика од мојот противкандидати и неговиот ментор, никогаш не прифатив дипломатски туризам. Секоја посета имала конкретен ефект. И секоја посета и средба имала нешто што и носи за просперитетот на Македонија. Затоа настојував да бидам присутен секаде каде што се зборува за Македонија. Секаде каде што можев да ги бранам интересите на Република Македонија, а со тоа и на граѓаните на Република Македонија. Затоа, почитувани граѓани, едно прашање ми одзема многу време во мојот мандат. Прашање кое го наследивме од нашите претходници. Тоа беше проблемот што нашиот јужен сосед го има со нашето име. Нашето име. Официјална Атина си има проблем и не сака, и сака ние нејзиниот проблем да го решаваме. Ни го создала тој проблем, и сега тоа ги попречува нашите евро-интеграции, евро-атлантски интеграции. Тие сакаат да се откажеме од нашиот идентитет, замислете. Очигледно дека креаторите на оваа политика не го читале Пиреј, не го читале нашиот великан Петре М.Андреевски, кој вели: „народот, идентитетот е како Пиреј, не може да се искорени, не може да се изгуби, ништо не може да го уништи“. Затоа издржавме, и ќе издржиме. Затоа и изјавував дека од името на македонските граѓани, нема да прифаќам извештаи за Република Македонија кои не ги вклучуваат идентитетските одредници. Не може да се пишува извештај за нас – без нас. Затоа, верувам дека зборувам од ваше име, кога кажав, а го ставив и во мојата програма со која сакам да ја добијам повторно вашата доверба. Во таа моја програма стои дека нема да прифатам промена на Уставот, со цел промена на уставното име. Нема да прифатам ни идеи, ни предлози, што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Затоа што сите сме Македонија. Сите што живееме во Република Македонија сме Македонија. Народот има право да го каже последниот збор за ова прашање – изјави Иванов.
Македонија има сојузници, има свои пријатели, но според Иванов не треба да чекаме некој друг да ги заврши нашите обврски кои сме ги превземале како држава. Позитивните извештаи кои Македонија ги добива се само доказ за напредокот на нашата земја.
-Вториот завет што го имаме, што ни е оставен од нашите предци, е да не очекуваме дека некој друг ќе ги заврши обврските што сме ги презеле како држава. Имаме пријатели, имаме и сојузници. Тие се и нашиот глас каде што не сме присутни. Кога во Европската унија, кога во НАТО се разговара за Македонија. Тие ги застапуваат нашите интереси. И сведок сум дека нивниот број постојано се зголемува. Се зголемува бројот на поддржувачите, кои велат дека кон Македонија е сторена неправда. Тоа можете и вие да го слушнете, кога се јавуваат иницијативи од конгресмени, кога се јавуваат иницијативи од странски државници кои се однесуваат за Македонија. И нашата блокада во Европската унија и во НАТО. Но, ние ним ќе им помогнеме ако ги спроведеме сите реформи, сите обврски што ни се дадени за членство во Европската унија и членство во НАТО. И затоа постигнавме визна либерализација за нашите граѓани. Со напорни реформи, исполнување на сите услови – посочи Иванов кој воедно додаде:
-Затоа и Македонија доби пет препораки, на основа на петте позитивни извештаи на Европската комисија. Затоа, сите наши обврски ги остваруваме. И сакаме Македонија да има чисто досие. Сите наши обврски да бидат завршени. Затоа ги правиме реформите. И затоа велиме ја создаваме Европа во Македонија, со европски стандарди, европски критериуми, европски принципи. Да имаме европски институции во Македонија – вели Иванов кој притоа додаде дека истото се однесува и на НАТО алијансата.
Како што тој изјави секаде каде што одел, добива пофалби за нашата Армија, за нашите војници кои биле и се дел од голем број мировни мисии. Македонската Армија е рамо до рамо со другите членки на НАТО. Сепак, за некој тоа не е доволно.
-Исто така, слушаме деновиве дека не обвинуваат, дека сме имале лоши односи со соседите. Бар вие граѓаните сте сведоци каков е односот кон нашите соседи, и какви се граѓаните на соседните држави кон нас. Доаѓаат нови генерации кои размислуваат сосем поинаку од старите генерации, кои имале историски трауми, стравови и предрасуди. Сите се наши трговски партнери, и економијата со сите расте. Со сите имаме културни врски, образовни – посочи тој.
Истакна и дека затоа се дел од регионални проекти и учествувале во сето она што треба да го промени нашиот регион.
– Затоа што на нашиот регион му треба нова инфраструктура, му требаат брзи автопатишта, му требаат брзи пруги, требаат нафтоводи, гасоводи, ни треба брз интернет. Тоа го сакаат генерациите кои растат во целиот наш регион. Доста им се конфликти, доста им се војни. Сакаат сите млади да живеат во мир и просперитет. Затоа, ги поддржуваме сите регионални иницијативи, кој носат мир и просперитет за сите нас. Затоа, сите реформи што ги прави Владата, се поддржани од моја страна. Секоја реформа има за цел да го подобри животот на секој поединец. Секој од вас осетил разлика во овие изминати години и годините претходно. Тоа го чувствуваат и пензионерите, тоа го чувствуваат и земјоделците. Тоа го почувствуваа и учениците со без платните учебници и студентите со стипендиите. Тоа го почувствува секој успешен што сака да конкурира на странските универзитети. Државата издвојува, издвојува затоа што економијата ни расте, кога расте економијата се расте во државата. И затоа ги поддржувам сите иницијативи и да дојдат странски инвеститори, да се отвораат нови фабрики, сите индустриски зони да отвораат нови работни места. Така успева Македонија и затоа ја поддржувам Владата. Доколку ја добијам вашата поддршка ќе продолжам истото да го правам. Ќе обезбедувам политичка поддршка за сите проекти кои носат нови работни места – вели Иванов.
Иванов воедно во својот говор во Демир Хисар потенцираше дека ги поддржувал македонските стопанственици, а доколку ја добие довербата од граѓаните тоа ќе го прави и во иднина.
-Ги поддржував и нашите стопанственици. Кога и да одев во странство, во мојата делегација беа присутни стопанственици, покрај министрите. Секогаш помагав кога имаше потреба да се воспостави некој контакт, кога има потреба некоја држава да најде партнер во Македонија. Затоа и ги носев амбасадорите по општините во Македонија за да видат кон потенцијал го имаме како држава. Што можеме да понудиме и каде можеме да имаме заеднички проекти. Ќе продолжам тоа да го правам – рече Иванов.
Додаде и дека покажале во овие години дека кога се работи тимски, кога соработуваат институциите, а не се конфронтираат како во минатото, резултатите се видливи.
-Покажавме дека може да се функционира во соработка и дијалог, и дека секој предизвик, секој проблем, може да има свое решение, ако се разговара и бара решени, а не блокади и не конфронтации. Покажавме дека тимски работевме и тимски успеваме. Но покажаа и нашите спортисти што постигнуваат кога настапуваат како тим. И затоа сме горди на нашите спортисти. Покажаа нашите научници, нашите актери, нашите пејачи колку можат да не направат горди кога настапуваат од името на сите нас, кога настапуваат како Република Македонија – вели Иванов во завршниот дел од својот говор во Демир Хисар
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани