Неколку месеци поминаа од инцидентот на граничниот премин Евзони, кога на македонската фолк легенда ѝ беше забрането да ја премине границата.
Сузана Спасовска и денденес поради забраната не може да влезе во Грција, ниту пак да ја користи земјата како транзит.
Во разговор за „Република“ таа вели дека најмногу ѝ е жал за Македонците кои живеат таму, кои се желни за народните песни.
– Приказната заврши тажно, но не за мене, бидејќи јас не одам на пазарење во Солун, ниту пак, одам на Белото море, туку за нашите Македонци таму кои со радост ме дочекуваа, со солзи ме испраќаа, а со македонска песна си ги полнеа срцата и ги лечеа раните во душата. Се радуваа на секоја следната средба за да се изнапееме македоснки песни и да се виори најдолгото оро. Сѐ уште се прашувам дали една песна како „Македонско девојче“, „Земјо македонска“, „Кажи облаче ле бело“, „Зајди, зајди “, „Сестра кани брата на вечера“ може да е толку опасна за една држава – вели пејачката и денденес револтирана за целиот немил настан.
Според неа, проблемот настанал поради нејзините чести настапи во Егејска Македонија.
– На 15 јули 2013 година, бев поканета од Македонците во воденскиот крај да настапам на Првиот семакедонски собир со мој репертоар на нивната манифестација, која од се срце ја прифатив, а на која учествуваа и повеќе културно-уметнички друштва кои го негуваат македонскиот фолклор. Пред настапот организаторот беше предупреден од грчки групи дека би било подобро да се откаже мојот настап со македонски песни. И покрај ова условување музичката програма започна, но дојде до прекин на снабдувањето со електрична енергија со цел концертот да не продолжи. На инсистирање на бројната македонска публика концертот сепак продолжи и заврши без никакви понатамошни проблеми. Досега неколкупати настапував пред македонската публика во Егејска Македонија, но ова беше првпат да наидам на ваков однос, што кај мене предизвика несигурност – изјави Спасовска, веднаш по инцидентот во септември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.