| четврток, 6 декември 2018 |

Македонците повеќе купуваат масло за јадење и пиво отколку леб

маркет

Македонците повеќе трошат пари за масло за јадење, пиво и за газирани сокови отколку за леб. Ова го покажува анкетата што „Дневник“ ја направи меѓу најголемите трговски синџири во земјава за топ-10 најпродавани производи кај нив.

Резултатите се изненадувачки, со оглед на тоа дека лебот, млекото и месото, кои вообичаено се сметаат за основни животни намирници или се во втората половина на листата со најпродавани производи или воопшто ги нема. Интересно е дека македонските семејства во првите десет на списокот за пазарење немаат ниеден производ од месо. Приматот на приоритетната прехранбена листа на Македонците и во 2012 година и лани го има маслото за јадење. А, ако се соберат сите податоци што ги добивме, излегува дека бананите се втори на листата, односно дека тие им се омилено овошје на Македонците.

Граѓаните се изненадени од ваквите податоци, но велат дека има логика. Големите количини продадено масло во големите маркети ги правдаат со запршките.

– Па, има логика во податоците, бидејќи ако се земе предвид дека постарата популација најчесто готви манџи за кои е неопходна запршката, но и многу месени и пржени закуски, не е нелогично што трошиме многу масло за јадење. Лебот е далеку на листата, бидејќи најчесто се купува од помали продавници или пекари, а месото го нема на листата на маркетите, бидејќи тоа најмногу се пазари во месарници – вели пензионерката Зорица од Скопје.

„Дневник“ побара информации од најголемите ланци на маркети во земјава. Успеаја да добијат податоци од поголемите „Тинекс“ и „Скопски пазар“, а другите не одговорија на прашалникот на весникот. Официјалните податоци на овие трговски ланци не се разликуваат драстично во листата со најпродавани производи. Споредбата на податоците покажува дека Македонците ги менуваат навиките, па некои производи што пред две години биле најпродавани, сега ги нема или се долу во листата.

Топ-10 најпродавани производи лани во маркетите на „Скопски пазар“ биле маслото за јадење, газираните сокови, пивото, готовите јадења, а лебот е на петто место. На листата следуваат сирење, цигари, овошје, кашкавал, а последно на листата топ-10 намирници е млекото. Ако се споредат податоците со претходната 2012 година, како и со првите месеци од годинава, излегува дека на врвот не се менува нешто драстично, но цигарите одат подолу на листата, а шеќерот воопшто го нема, за сметка на готовите јадења, кои во последно време одат кон врвот.

Податоците на „Тинекс“ покажуваат дека во минатата година бананите се број еден продаван производ по количина, а на второ место маслото за јадење. Следуваат млекото, портокалите, газираните сокови, јогуртот и кашкавалот. А на дното од листата се цигарите, сирењето и лебот. Во првите месеци од годинава, на листата со најпродавани влегуваат и кафето, доматите и краставиците, на сметка на млекото, кое лани било на трето место, а годинава е на последното, десетто место.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top