| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Бараме поддршка за 62 пратеници за да не бидеме уценувани

Барањето за доверба, според Груевски е поддржано со посветената работа и резултатите кои се постигнати

vmro vo skopje 23 (Custom)

– Бараме поддршка од сите граѓани за ВМРО-ДПМНЕ да добие 62 пратеници на претстојните парламентарни избори за да не бидеме уценувани, да не не кочат во реализирањето на зацртаната програма и да не не уценуваат по државните и национални интереси, порача вечерва од митингот во Кавадарци  лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Ние, рече, сме 24 години во демократија. Народот е искусен и знае да процени, да прави разлика и да го направи вистинскиот избор. Народот си бара чесен однос, а тоа, како што истакна е ВМРО-ДПМНЕ.

Барањето за доверба, рече, е поддржано со посветената работа и резултатите кои се постигнати.

Притоа се осврна на осврна на бројните поволности за пензионерите, на намалувањето на невработеноста, странските инвестиции, изградбата на патишта, инвестициите во образованието, здравството…

– Пред 2006 година пензионерите секогаш имаа иста пензија, а една намалена, а никогаш зголемена. Иако не ветивме ние континирано ги зголемуваме пензиите така што просечната пензија ја зголемивме за 62 проценти, а најниската за 74 проценти, рече Груевски и додаде дека пензиите и натаму ќе се зголемуваат по пет проценти секоја година или 21,5 проценти за четири години.

Исто како што пензионерите никогаш немале зголемени пензии така, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, и земјоделците претходно не биле субвенционирани или биле само еднаш.

– Во 2006 година дојде нова политичка гарнитура и ветивме 20 милиони евра субвенции во четири години. Првата година имавме 20 милиони, а за 7,5 години 590 милиони евра поддршка за македонскиот земјоделец. Во наредните четири години ветуваме по 150 милиони годишно или 600 милиони евра за македонскиот земјоделец. Е сега проценете меѓу нула и 600 милиони евра, разликата е голема, нагласи Груевски.

Се осврна и на невработеноста која, како што рече, во 1992 година била 18 проценти, а во 2006, 38 проценти. Немаше светски кризи, рече, а невработеноста растеше.

– Во 2006 дојдовме иако во криза досега успеавме да отвориме 120.000 работни места, а невработеноста од 38 се намали на 28,6, рече Гриевски.

Додаде дека граѓаните знаат да направат разлика, бидејќи, како што истакна, само со Дрекслер Маер се отворени околу 4.000 работни места.

– Во следните четири години ветуваме 64.000 нови работни места, а процентот на невработеност ќе паѓа за 6 проценти па ќе имаме невработеност од 22 проценти. Во невозможни услови како економски тим и политичка гарнитура со многу реформи ја намаливме невработенсота во услови на криза што е повеќе од успех, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Ги повика граѓаните кои, како што рече, се уште се мислат да видат која политичка гарнитура најмногу направила во минатото и не направила стратешка грешка, која се грижела повеќе за сите категории граѓани и има најдобра програма, да се определат за ВМРО-ДПМНЕ.

– Јас сум уверен ако трезвено размислат оние што се уште се колебаат дека ќе се определат за ВМРО-ДПМНЕ. Работиме за сите граѓани без разлика на верска, национална и партиска припадност. И така ќе продлжиме понатаму, рече Груевски.

Се осврна и на изградбата на патиштата, на поддршката за ранливите категории, на студентите, на менување на начинот на казнување според кој, како што рече, поскапо ќе плаќаат оние со поголема економска моќ. Најави засилена промоција на македонското вино на нови пазари, изградба на други патишта во регионот како надградба и реконструкција на патот Кавдарци-Неготино, детални урбанистички планови за населени места, инвестиција во образованието во кавадаречко од 700 илјади евра, спортски објекти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top