Вкупно десетина кражби на електрична енергија откриле службите на ЕВН Македонија при техничките контроли на броилата и мерните места во текот на јануари и февруари годинава во Струга и околните населени места.
Во 2011 и 2012 година во струшкиот регион биле откриени над сто кражби од извршените околу шест илјади контроли. Според портпаролот на ЕВН Македонија Атанас Ковачевски, откриените неправилности се однесуваат на директни кражби на електична енергија, но и на манипулации со броилата на корисниците.
– Околу 80 отсто се манипулации на броилата, а остатокот се директни кражби. За да платат пониски сметки, некои корисници се осудуваат да тргнат една или две фази од струјата, но ние тоа го откриваме. Точно знаеме колку се испорачало електрична енергија, а колку се потрошило. Во последно време се намалени кражбите и манипулациите. Најмногу вакви неправилности во овој регион, нашите екипи констатираа во текот на 2010 година – изјави Ковачевски.
Против сите корисници се поднесени кривични пријави и им се направени пресметки за неовластено користење на електрична енергија.
– Интензивните контроли на ЕВН, ќе продолжат и во иднина, по случаен избор или поради сомнеж дека некаде постои злоупотреба на електричната мрежа, со цел да се заштитат корисниците кои редовно ги плаќаат сметките, но и да се заштити системот на електричната енергија – рече портпаролот на ЕВН Македонија Атанас Ковачески.
Со измените и дополнувањата на Кривичниот законик што стапија на сила на почетокот од годинава, кражбите на сите видови енергија претставуваат кривични дела за кои е предвидена затворска казна до пет години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.