| четврток, 6 декември 2018 |

Белата куќа подготвува закон за легализирање на престојот на илегалците

Илегалните мигранти во САД во рок од осум години ќе имаат можност да добијат легален престој, предвидува новиот предлог закон за имиграција што го подготвува Белата куќа.

Според тој план, како што обелоденува Ју Ес Еј тудеј, барање за легален престој би можеле да поднесат и сопружниците, како и децата на илегалните имигранти кои се надвор од САД.

Се проценува дека до сега во САД нелегално престојуваат околу 11 милиони имигранти. На новите законски предлози долго време се противеа републиканците, но по претседателските избори на кои Обама доби 71 отсто од гласовите на Хиспано популацијата дојде до промена на ставот.

Републиканците сега се подготвени да прифатат некои предлози за легализирање на престојот на имигрантите, но за да се случи такво нешто тие најнапред бараат да се осигураат границите, особено на онаа кон Мексико. Според републиканскиот сенатор од Флорида Марко Рубио, демократите ќе имаат многу проблеми да го протуркаат предлогот на Обама во Конгресот.

– Ако биде официјално предложен, тој е без шанси за успех. Тој не би го решил прашањето на границата и би создал лош имиграционен систем за подолг период пред нас, смета Рубио чии родители дошле во САД од Куба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top