| четврток, 6 декември 2018 |

Милошоски: Охридскиот регион ќе стане огромно градилиште, какво што не било

antonio-milososki-profil

Носителот на изборната листа на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ за петтата изборна единица, Антонио Милошоски, денеска во Охрид ја претстави партиската програма за предвремените парламентарни избори, конкретно делот посветен на Охрид и регионот.

– Кредибилитетот на проектите предвидени во програмата е оствареното изминатите осум години и дадениот збор на премиерот, целата Влада и коалициските партнери. Сметам дека наметнавме нов квалитет на однесување во политиката – одговорност пред граѓаните, слушање на нивните потреби и излегување со проекти што ќе понудат решенија – истакна Милошоски.

Тој нагласи дека партиската програма за наредните четири години предвидува охридскиот регион да стане огромно градилиште, какво што не било изминатите 50 години.

– Тоа градилиште ќе почне со автопатот Кичево – Охрид, автопатот Требеништа – Струга, со нов пат со четири ленти од Охрид до Пештани, со реконструкција и проширување на патот Охрид – Ресен – Битола и со отварање на првата поголема странска инвестиција во охридско-струшкиот регион, германска фабрика за автоделови, инвестиција вредна 25 милиони евра и која ќе отвори 750 работни места – истакна Милошоски.

Тој потсети дека реализацијата на предвидените проекти ќе значи работно ангажирање на илјада лица – од градежници, инженери, возачи, до фирми изведувачи, подизведувачи. Милошоски се осврна и на социјалниот пакет предвиден во програмата, преку најавениот закон за отпис на долговите на социјално загрозените граѓани. Во согласност со предизборната програма на коалицијата „За подобра Македонија“, предвидено е и зголемување на платите и пензиите секоја година, вкупно за 21,5 процент во наредниот четиригодишен период.

Милошоски и кандидатите за пратеници од Охрид во текот на денот ќе остварат средби и со групи граѓани и претставници на фирми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top