| четврток, 6 декември 2018 |

Успешна презентација на македонската литература во Софија

На два последователни настани во Културно-информативниот центар на Македонија, во рамките на работилницата за правците и тенденциите во литературите на Р. Македонија и Р. Бугарија во 21 век, како и на вечерната презентација за новата македонска книжевна генерација, полни сали и голем интерес на публиката во Софија.

Пред бројни претставници од Друштвото на писателите и ПЕН-центарот на Р. Бугарија, претставници од дипломатскиот кор и медиумите, македонската книжевна делегација составена од академиците Катица Ќулавкова, Влада Урошевиќ, проф. Наташа Аврамовска, Никола Маџиров, Владимир Мартиновски, Румена Бужаровска, Калина Малеска, Фросина Стојковска, Ѓоко Здравески и Ненад Јолдески, со своите претставувања и интерпретации на нивните дела, и на македонски и на бугарски јазик, го задржаа вниманието на публиката подолго од три часа. Академик Ќулавкова беше модератор на работилницата, вечерниот настан го отвори директорот на Центарот, Васко Шутаров, а текстови интерпретираше актерот Иван Калошев.

Во текот на вториот ден од посетата на Р. Бугарија, македонската литературна делегација ќе оствари посети на Универзитетската библиотека на Софискиот универзитет и Бугарската академија на науките. Предвидени се и неколку средби со најголемите писателски имиња од бугарската литературна сцена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top