Агенцијата „Рејтинг“ ретерира по вчера објавените резултати дека Стево Пендаровски е во предност во претседателската трка пред актуелниот претседател Ѓорге Иванов. Ѓорѓи Спасов од агенцијата „Рејтинг“ во емисија за телевизијата „24 вести“ признава дека не станува збор за анкета, туку за прогноза на резултати.
Спасов: Многу е тешко кој било да ги погоди резултатите само врз основа на прашањето за кого вие ќе гласате во услови на голема уплашеност. Мора да имате низа индикатори врз основа на кои се прави изборната прогноза.
Клековски: Вие сега рековте дека не правите анкета, туку изборна прогноза.
Спасов: Да.
„Рејтинг“ вчера објави анкета, која беше направена по нарачка на неделникот „Фокус“, во која потенцираше дека е спроведена телефонски во сите шест изборни единици во период од 4 дена, на репрезентативен примерок од 1560 испитаници.
Резултатите наидоа на големи критики кај бројни политички аналитичари и познавачи на состојбите со тврдења дека бројките не се базираат врз основа на теренско истражување, туку станува збор за сопствена процена направена со методологија која не е до крај разјаснета.
– Каде е манипулацијата во анкетата на Рејтинг? Бидејќи најинтересен е рејтингот на претседателските кандидати, фокусот на ова анализа е насочен таму, иако останатите прашања, ако посебно се анализираат, ќе се види дека се манипулативно насочени, нешто што е елементарно недозволиво за испитување на јавното мислење, ако нели сакате да добиете реален резултат – пишува во својата колумна новинарот Марјан Николовски.
Според Николовски, сериозна агенција која сака да се занимава со испитување на јавното мислење и притоа сака да влијае во јавноста со резултатите од анкетата, прво ќе мора себеси да си одговори, а потоа и на јавноста да ѝ објасни, врз основа на која методологија извади дека на следните претседателски избори во Македонија ќе излезат на гласање 83,3%, или преведени во реални гласови 1.482.383 гасачи. Толку според „Рејтинг“ ќе биде одѕивот на претседателските избори.
– Која е таа сериозна рејтинг агенција, која може да предвиди излезност на изборите од 83,3%, ако просекот на излезност на последните 12 изборни циклуси се движи од 55 до 65 проценти? Серизона агенција, која сака да претендира нејзините анкети да бидат релевантни, кога на крајот од испитувањето, откако ќе ги сумира резултатите и ќе добие податок со ваква фрапантна излезност, бара одговор на ова прашање. Зошто толкава излезност? Од каде токава излезност? И сето тоа врз основа на нови истражување ќе ѝ го објасни на јавноста. Во оваа анкета одговр на ова прашање нема. Ако одговорните од Агенцијата немаат одговор на овие прашања, тогаш јас сакам да ми посочат кога во Македонија и на кои избори имало излезност над 80%. Ако за нив тоа не е битен податок, кој нели произлегол од испитувањето, за мене е најважен и сметам дека тоа треба да се објасни, пишува Николовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.