Лабораторијата Ин Витро Фертилизација (ИВФ), при одделот за гинекологија и акушерство е првата лабораторија на Балканот и меѓу ретките во Европа која се стекна со сертификат за квалитет и компетентност согласно стандардот ISO 15189:2013. Според истиот стандард, кој важи за медицински лаборатории е акредитирана и дијагностичко-биохемиската лабораторија на болницата.
Акредитацијата на ИВФ и дијагностичко-биохемиската лабораторија беше спроведена од страна на Институтот за акредитација на Република Македонија, кој е членка на ILAC (International Laboratory Accreditation Cooperation) и IAF (Internationa Accreditation Forum) од страна на Меѓународна комисија.
– Со процесот на акредитацијата преку иновативност на вредностите обезбедуваме максимална доверба на пациентите во нашата работа, што тие бескомпромисно ја заслужуваат. Воспоставивме доброволна, различна, високо-морална рамка на управување, различна фокусираност со што развиваме суптилен модел за идентификување на потребите на пациентите, кои знаат да ги вреднуваат овие напори – изјави Елица Јорданова, Генерален директор на „Ре-Медика“.
– Со сумирањето на резултатите од нашето основање до денешното одбележување на деветтиот роденден, со гордост можеме да кажеме дека нашите здравствени услуги ги користеле околу 135 000 пациенти, кои оствариле 514 984 контакти. Од нив 24 565 пациенти биле хоспитализирани, заради гинеколошко-акушерски постапки или хируршки интервенции. За укажаната доверба се заблагодаруваме на своите пациенти и персоналот кој секојдневно ја оправдува таа доверба – изјави менаџментот на „Ре-Медика“.
Деветтиот роденден го одбележуваме и со проширувањето на болницата, реализирано како дел од проектот за јавно-приватно партнерство меѓу Министерство за здравство на РМ и ПЗУ „Ре-Медика“, прв проект од овој тип во нашата земја. Со овој проект паралелно се постигнати повеќе цели:
• Даден е нов, современ изглед на просторот каде се наоѓаше стариот капацитет изграден во средината на минатиот век
• Добиено е проширување на функционалните површини за двата субјекти
• Новодобиените простории ги исполнуваат денешните барања на стандардите кои важат во здравството
– Делот од инвестицијата која припаѓа на ЈЗУ „Железара“ ќе се предаде на владение во текот на месец април – додаде во својата изјава Елица Јорданова, Генерален директор на Ре-Медика.
– Во контекст на нашата определба за давање на медицински услуги со врвен квалитет кои се темелат на креирање на високо стандардизирани услови, процедури за работа и компетентен кадар, го реализираме проектот за изградба на новата зграда. На тој начин обезбедуваме проширување на постоечките капацитети за дијагностички процедури, нови простории за ИВФ лабораторијата и простории за земање или оставање примероци. Ќе се прошири т.н. дневна болница и паралелно го зголемуваме капацитетот на оперативниот блок. Оваа инвестиција ги вклучува најсовремените достигнувања како во однос на градбата така и во однос на опремата и компетентноста на кадарот. Инвестицијата се потврдува и оправдува со здобиените сертификати од успешно извршениот процес на акредитација, кој обезбедува доверба во нашите резултати – изјави Проф. д-р Андреја Арсовски, стручен директор на „Ре-Медика“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.