Четврт милијарда евра изнесува извозот само од технолошко-индустриските развојни зони во првиот квартал од 2014 година, покажуваат податоците на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони.
Извозот од ТИРЗ бележи раст за фантастични 95 отсто во споредба со минатата година. Минатата година во првиот квартал извозот од ТИРЗ изнесувал 126 милиони евра. Ова значи дека повеќе од третина од македонскиот извоз доаѓа токму од странските инвестиции во технолошко-индустриските зони.
Исклучиво високиот раст на извозот од ТИРЗ е резултат на влегувањето на „Џонсон Мети“ во втората фаза на производство, на почетокот на производството на „Ван Хол“, зголемувањето на производството на „Кемет електроникс“, како и почнувањето на активно производство на „Џонсон контролс“ во Штип.
– Во моментот сме во завршни преговори со неколку компании кои се пред донесување одлука за инвеститрање во технолошко-индустриските зони или веќе имаат донесено одлука, но истата не е официјализирана. Станува збор за компании од САД, Германија и од Италија, кои, покрај Скопје, се заинтересирани да инвестираат во неколку зони од внатрешноста каде што досега немало странски инвестиции – вели Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за ТИРЗ.
Во технолошко-индустриските зони во моментов функционираат Џонсон контролс, Џонсон Мети, Ван Хол, Текнохозе, Кемет и Протек груп. Во зоните во моментов работат 2.700 луѓе, а вкупните досегашни инвестиции се проценуваат на 240 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.