| четврток, 6 декември 2018 |

Двесте дваесет и две компании сами ќе купуваат струја

struja-dalekovod(1)
Двесте дваесет и две македонски компании со повеќе од 50 вработени и вкупен годишен приход поголем од 10 милиони евра своите потреби за електрична енергија ќе ги задоволуваат на слободниот пазар бидејќи од денеска и официјално влегува во сила втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија, пишува „Вечер“.

Пазарот на струја во Македонија целосно ќе биде либерализиран, на 1 јануари 2015 година кога ќе стартува последната трета фаза во која и домаќинствата слободно ќе почнат да се снабдуваат со електрична енергија. Во моментов во земјава околу 60 отсто од пазарот на струја е либерализиран, а првата фаза од овој процес стартуваше во 2008 година од кога големите индустриски потрошувачи самостојно ја набавуваа енергијата.

Во согласност со акцискиот план за либерализација на пазарот на електрична енергија во земјава, претпријатијата што имаат повеќе од педесет вработени и вкупен годишен приход поголем од 10 милиони евра треба самостојно да се вклучат на пазарот на електрична енергија, како и да склучат договор со снабдувач со електрична енергија или трговец со електрична енергија за наредната година најдоцна 30 дена пред денот на здобивањето на својството квалификуван потрошувач.

Фирмите очекуваат дека со либерализацијата на пазарот ќе се намалат трошоците за електрична енергија. Поевтинувањето, според нивните очекувања, може да биде и до 25 проценти. Преку 115 од квалификуваните потрошувачи веќе склучиле договор за снабдување со електрична енергија со „ЕВН снабдување“, а другите компании со ЕДС (Енерџи деливерс солушн).
Во оваа втора фаза од либерализацијата се најдоа сите банки во земјава, големите фабрики како „Алкалоид“, „Пивара Скопје“, „Европа“, како и градежните компании „Гранит“ или „Карпош“, здравствени компании, неколку поголеми приватни болници, но и земјоделските комбинати, големите хотели и телекомуникациските оператори. На списокот се и јавните претпријатија меѓу кои и МРТ, „Македонија пат“, „Македонски шуми“, „Македонски железници“, ЈСП-Скопје, ГТЦ, ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор, како и јавни комунални и водостопански претпријатија од Скопје, Велес, Струмица, Тетово, Кочани.

Досега околу 70 компании имаат добиено лиценци за трговија со електрична енергија, а лиценца за снабдување „ЕВН снабдување“, „ГЕНИ-И“ и компанијата ЕДС. Овие три фирми ќе може и на граѓаните од идната година да им нудат продажба на струјата.

Од „ЕВН снабдување“ велат дека нивната новоформирана компанија е подготвена да дава најконкуретна понуда, но истовремено ќе нуди и соодветна консултација за прецизно планирање на потрошувачката, нејзина рационализација, како и постигнување оптимум на трошоците.
Истовремено формирана е балансна група на компании, кои потпишале договор со ЕДС ,и таа е доставена до Регулативната комисија за енергетика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top