| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Секој пат ќе бидеме близу до граѓаните

Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов денеска беше во Босилово. Ви го пренесуваме интегрално неговиот говор пред жителите на Босилово

Добар ден Босилово,

Добар ден Радово, добар ден Моноспитово, Секирник, Муртино, Иловица!

Добар ден, за крајот кој дал големи луѓе на Македонија.

Добар ден за луѓето кои се вредни и работливи, кои живеат со свој труд.

Добар ден за луѓето од Моноспитово од каде потекнува вториот претседател на Република Македонија, г-динот Борис Трајковски, голем човек чие дело го почитуваа и му се восхитуваме.

bosilovo7

Добар ден и за жителите од Радово кои неодамна ги посетив.Таму е мојот пријател Киро Стојанов, римокатоличкиот бискуп на Скопската бискупија и апостолски администратор и егзарх за Католиците од византискиот обред.

Од Радово е и Иван Ангелов, првиот министер за земјоделие  во независна Македонија,  член на владата на Никола Кљусев.

Е тоа е Босилово, тоа се луѓето од овој крај. Луѓе кои се сплотени, единствени, кои се почитуваат меѓу себе, кои ја негуваат традицијата на толеранција меѓу религиите. Затоа имате преубави цркви, и во Дрвош, во Секирник, Робово, Радово и Петралинци. Така се чува традицијата, така се негува споменот на нашите предци.

Се гледавме многупати изминатиот период. Бев и во црквата „Св. Илија“ пред неколку месеци, бев и во фабриката „Здравје- Радово“.

Во овие пет години каде и да одев го гледав напредокот, напредокот низ цела Македонија, и во земјоделието, и во индустријата, и во патната инфраструктура, и во обновените училишта, водоводи. Напредокот во се она што му е потребно на нашиот граѓанин.

bosilovo10

Се сеќавам како беше пред пет години, а гледам како е сега. Како е реконструирано училиштето „Гоце Делчев“ , како е изградена спортската сала во училиштетото „Св. Кирил и Методиј“ и фудбалско игралиште во  Секирник!

bosilovo11

Ете така се сака Македонија, така се гради Македонија. Го видов и отчетот на вашиот градоначалник  Љупчо Колев, само за една година. Тоа е пример за успешен градоначалник. Така треба да се работи. Се бара програма, но се бара и отчет. Се што се ветува се се остварува. Истото го правев и јас, истото го прават и министрите. Истото го прават сите луѓе на кои сте им ја дале довербата. Настапуваме со наша програма и со отчет. Се што беше во мојата програма, се е исполнето. Овој пат дојдов со нова програма, за нова доверба. За следните пет години повторно да бидам Претседател на Република Македонија. Работевме како тим. Пет години работевме посветено на Македонија. Работевме заедно и со премиерот, и со министрите, и со советниците, и со градоначалниците. Бевме посветени да ја менуваме Македонија.

bosilovo5

Секој пат да бидеме близу до граѓаните. Вашите потреби стануваат дел од нашите програми.

Започна со реализација проектот за отворање рудник за злато и бакар во Иловица. Бев во тек со работењето да се привлече оваа странска инвестиција и при мојата посета на Канада минатата година, и кога дојде канадска делегација во Македонија на чело со спикерот на Сенатот, д-р Ноел Кинсела.

bosilovo6

Вкупната инвестиција на канадската компанија „Еуромакс“ ќе изнесува над 500 милиони долари кои ќе бидат реализирани во текот на следните пет години. Дополнително ќе се вложат 100 милиони долари годишно за развој на рудникот. За време на изградбата ќе бидат ангажирани од 300 до 400 лица, додека по изградбата на рудникот за бакар и злато, кој треба да биде готов за најмногу пет години, ќе се вработат од 500  до 600 лица. Индиректно или дополнително, ќе бидат ангажирани 200 до 300 работници преку компании подизведувачи, што значи дека збирно, само во фазата на изградба ќе бидат вклучени над 700 лица како нови вработувања.

bosilovo4

Знам за вашите проблеми со пристапот до аптеки. Многу радува фактот што за с. Иловица и с. Моноспитово од општина Босилово се дадени лиценци за отворање аптеки.

Се изврши доизградба на  „Етно-центар“ во населеното место Штука, средствата се обезбедени од буџетот на општината и Швајцарската агенција за развој во вредност од 2.7 милиони денари.

bosilovo3

Ќе се направат уште многу работи, затоа што сме блиски со народот. Затоа што бевме и по светски метрополи, се среќававме со светски државници, но доаѓавме и за „Св.Трифун“, да ги закроиме лозјата, за бериќет. Затоа успеваме, затоа имаме доверба меѓу граѓаните. Граѓаните не чувствуваат блиски и можат да ни кажат се. Затоа и мојот Кабинет во изминативе пет години беше отворен за секој што сака да се види, да разговара со мене. Повеќе од 5 илјади граѓани дојдоа кај мене во Кабинетот. Отворив и народни канцеларии, за да можат граѓаните да доставуваат и претставки и поплаки, идеи, иницијативи, да кажат се она што ги тишти. Затоа имаме доверба меѓу граѓаните. Не сме затворени по кабинети. Ние она што го кажуваме го исполнуваме. И затоа имаме чист образ, повторно да дојдеме да бараме доверба од вас. Тоа го правиме затоа што изборот ни е Македонија. Тоа го правиме затоа што државата ни е пред се. Македонија ни е пред се.

Ве поздравувам и се гледаме на избори, да славиме  уште една победа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top