| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Ја созадаваме Европа во Македонија

ivanov kriva palanka2

Се изградија многу патишта, училишта, болници. За сето тоа на што укажувавте,  и за сето тоа за што имавте потреба се реагираше навреме. Работевме како тим за Македонија. Работевме сложно и единствено. Затоа што државата ни е пред сè! Затоа што Македонија ни е пред сè, порача претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов од митингот во Гевгелија и додаде дека тоа се покажувало секогаш кога имало иницијатива од граѓаните да се подобри животот на локално ниво.

– Секогаш кога се работи сложно меѓу локалната и централната власт резултатите се видливи. Продолжуваме со исто темпо и ист интензитет. Затоа што знаме што сакаме и знаеме каде одиме. Затоа што изборот за нас изборот е Македонија – нагласи Иванов.

Тој рече дека во Гевгелија се чувствува како дома и им се заблагодари на гевгеличани за поддршката што му ја дадоа пред пет години.

– Таа поддршка не беше затоа што мајка ми е од Гевгелија, и затоа што роднините ми се од Гевгелија, туку бидејќи знаете како се успева во животот во вашиот крај. Со многу труд, мака и пот. Таа поддршка ја добив зашто знаевете дека сум искрен, чесен и вреден. Таков и останав. Тогаш ми ја дадовте поддршката и за мојата програма. Сега го дадов отчетот. Сè што беше во програмата е исполнето. Сега сум повторно меѓу вас со нова програма за нова доверба – рече Иванов.

Иванов ги потсети гевгеличани дека секоја негова посета на градот била посветена на тоа како да се привлечат странски инвестиции.

– Често доаѓав во посета на Гевгелија. Го гледав успехот и просперитетот на Гевгелија.  Но се сеќавам пред 10 години кога доаѓав на југот колку беше тажно да се гледа Македонија. Исушени лозја, затворени фабрики, уништени комбинати. Сега кога доаѓаме го гледаме новото лице на Македонија. Нови лозови насади, нови фабрики, гледаме како се пробива автопатот Демир Капија – Смоквица, гледаме како се шират оранжериите што користат топла вода, гледаме индустриска зона пред Гевгелија, гледаме ветерен парк во Богданци. Тоа е новото лице на Македонија. Но за да се дојде до тоа требаше многу работа, труд, упорност и знаење од една млада гарнитура на чело со премиерот Груевски. Тие млади луѓе ја менуваат Македонија. Затоа пред пет години застанав зад нив да ги подржам. За да работиме за успешна Македонија, како тим и сложно. Затоа секоја моја посета, секоја средба, беше посветена на тоа како да привлечеме странски инвестиции, како да привлечеме пријатели и поддржувачи во Македонија. Тоа го направив и неодамна кога го свикав целиот дипломатски кор овде во Гевгелија. Амбасадорите имаа можност да ги видат потенцијалите на општината, да ги слушнат презентациите на градоначалниците на Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово, да видат што нудиме ние на другите земји кои сакаат да инвестираат во Македонија. Така се гради Македонија, така се успева – рече претседателот Иванов.

Тој исто така нагласи дека во минатите шест години светот се соочи со економска криза, а во тие услови Македонија успеа да отвори 120.000 работни места.

– Се соочуваваме и со многу предизвици. За време на мојот мандат се случи светска економска криза. Од 2008 година многу силни економии тешко се соочуваат со овие предизвици. Во такви услови,  во Македонија успеавме да отвориме 120.000 нови работни места. Да се градат автопатишта и фабрики. Затоа расте економијата. А кога расте економијата растат и платите, и пензиите и субвенциите. Нема сегмент каде не се чувствуваат позитивните промени од се она што е направено, Работевме вредно и тимски. Зашто кога се работи тимски се победува. Затоа им честитаме на нашите спортисти кои како тим победуваат и не прават горди. Им честитаме пејачи кои каде и да одат го шират нашето наследство, традиција и култура. Имаме наши научници во светски реномирани универзитети. Така успева Македонија. Кога секој од нас е успешен – рече Иванов.

Претседателот Иванов исто така нагласи дека соработката на гевгеличани со соседите од Грција е нова реалност која мора да ја прифатат политичките елити кај нашиот јужен сосед.

– Кога разговарав со странски државници кои ме прашуваа какви ни се односите со јужниот сосед, им велев дојдете во Гевгелија и ќе видите како се работи и се живее сложно. Ние немаме никави непријателски чувства кон нашите соседи. Секојдневно можеме да ги видиме во нашите градови како инвеститори, но истовремено и нашите граѓани безгрижно летуваат и студираат во Грција.  Таа е таа нова реалност што мора да ја прифатат политичките елити во Грција – истакна Иванов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top