| четврток, 6 декември 2018 |

Стиг Ларсон – најголемиот шведски феномен по групата АББА

Шведските трилери го освоија светот. Многумина си го поставуваат прашањето: Зошто токму тој? Податоците, пак, велат: 27 милиони продадени примероци, преводи во 40 земји, веќе се реализирани успешни скандинавски и холивудски екранизации на неговите романи

„Мажите што мразат жени“, „Девојката што си игра со оган“ и, „Девојката со тетоважа на змеј“ се насловите на романите што шведскиот писател Стиг Ларсон ги заврши пред неговата ненадејна смрт од срцев удар на 9 ноември 2004 година. Во меѓувреме, овие наслови станаа светски феномен – најпопуларни и најпродавани европски трилери во последново десетлетие. На македонски јазик ги објави издавачкиот центар „Три“. Првата книга беше наградена со најпрестижната награда што се доделува на криминалистички романи во Скандинавија, втората ја доби наградата на Шведската академија за детективски романи, а со третата Ларсон повторно ја доби наградата за најдобар криминалистички роман и со тоа стана единствениот автор што го добил ова признание двапати.

Стиг Ларсон почнал да размислува да пишува криминалистички романи уште во раните деведесетти години. Првиот роман го напишал во 1997 година, но тогаш уште не се осудувал да го објави, сѐ додека не ги напишал и другите два. Се јавил на шведскиот издавач „Пиратфорлагет“, кој двапати го одбил, а ваквата одлука денеска во шведското издаваштво се смета за еден од поголемите пропусти. Потоа Ларсон потпишал договор со издавачот „Нордстедтс“ за објавување три книги, што претставува преседан во издавачката индустрија, со оглед на фактот што авторот е новинар, кој дотогаш немал објавено ниту едно дело. Првото дело на Ларсон е објавено на крајот од 2004 година, но набргу потоа умира и не дочекува да ги види објавени и другите два ро­мана, како и признанијата што ги до­­бија.

Kultura81-Stig-Larson-2

Пред литературната кариера, Стиг Ларсон беше познат по својата борба против расизмот и десничарскиот екстремизам. Беше еден од најдобрите светски познавачи на десничарските екстремистички движења и силно се бореше против нивното влијание. Во средината на осумдесеттите години го основа движењето „Стоп за расизмот“, во 1995 година ја формира издавачката куќа „Експо“ и стана главен уредник на списанието „Експо“. Списанието постојано беше на удар и под закани на десничарските екстремисти, како и самиот Ларсон, кому новинарската професија и тоа како му послужи како инспирација за пишување на трилогијата „Милениум“.

„Мажите што мразат жени“ е брилијантен општествен роман, разорна критика на семејната декаденција, возбудлива крими-приказна, спој на Бергман и на левиот активизам.Богат индустријалец, во доцни години, со зацврстена деловна кариера и биографија, се обидува да изнајми новинар – кој е осуден на затворска казна поради клевета на друг индустријалец – за да го истражи стариот и одамна заборавен случај за исчезнувањето на една девојка. Новинарот се двоуми дали да ја прифати понудата; не е приватен детектив, ниту иследник, ниту сака да работи за моќник, а не е ни посебно мотивиран бидејќи животот неодамна му се распаднал, но на крајот прифаќа да работи, делумно полициска, а делумно мемоарска и биографска работа… Според романот „Мажите што мразат жени“ е снимен и филм.

Овој роман на Ларсон е еден од најголемите мегаселери во последниве десетина години. „Мажите што мразат жени“ само во Шведска – земја со девет милиони жители – е продаден во три милиони примероци, а во целиот свет, поточно во четириесетината земји во кои е објавен, е продаден во петнаесет милиони примероци.

Во другите две продолженија, Стиг Ларсон успеал во речиси невозможното: да напише продолжение што ќе биде понапнато и покомплексно и од првиот дел и повторно на фасцинантен начин да ги открие скриените страни на општеството. Затоа е нарекуван и најголемиот шведски феномен по групата АББА.

Ретко кој современ писател е дочекан со толкаво одушевување како шведскиот литерат и новинар Стиг Ларсон, авторот на трилогијата „Милениум“ за која денеска се говори, главно, како за голем издавачки феномен.

Откриени непознати ракописи на Стиг Ларсон

Неколку непознати ракописи од жанрот на научната фантастика, кои авторот на криминалистичката трилогија „Милениум“, Стиг Ларсон, ги напишал некаде околу 1970 година, во периодот кога имал 17 години, неодамна ѝ биле предадени на Шведската национална библиотека. Меѓутоа, дали ракописите кога било ќе се објават зависи од наследниците на писателот.

Многумина си го поставуваат праша­њето: Зошто токму тој? Податоците, пак, велат: 27 милиони продадени при­мероци, преводи во 40 земји, реализирани успешни скандинавски екранизации, а следуваат и холивудски екранизации на неговите романи. Главните јунаци Лизбет Саландер, хакерка со неверојатен инстинкт за преживување и новинарот Микаел Блумквист се вбројуваат во каноните на книжевните јунаци на нашево време. Но, проблемот е што писателот веќе го нема, а многумина ги интересира како и зошто токму Ларсон успеа. Прашањето каков беше и кој е вистинскиот Стиг Ларсон стана посебна индустриска гранка во Шведска, запиша неодамна еден новинар во „Њујорк тајмс“. Имено, шведскиот писател почина во педесеттата година од животот, како последица од срцев удар. Во недостиг од неговите зборови, а во согласност со неговите ставови во животот – во најразлични весници, беа направени интервјуа со сите што размениле барем еден збор со него – почнувајќи од членовите на семејството, пријателите, соседите, па дури и човекот што го направил единственото интервју со Ларсон три недели пред неговата смрт. Главните црти на биографијата на писателот се познати уште од првиот ден кога почнал да објавува. Живеел со дедо му и со баба му, а во текот на професионалниот живот беше препознатлив како уредник на магазинот „Експо“ и стручњак за десните екстремисти и нацисти. Легендата вели дека романите ги пишувал навечер. Неуредниот живот, три кутии цигари дневно и исцрпната работа го зедоа данокот и доведоа до срцев удар во педесеттата година од животот. Ликот на авторот и делото во оваа верзија се сосема комплементарни. Ангажиран новинар што пишува романи во кои ги разработува темите што го опседнуваат: насилство над жените, корупција, расизам… деконструирајќи ја Шведска како социјална држава со нулта толеранција на прикривање на криминалот и корупцијата, која претставува пример во светот.

Kultura81-Stig-Larson-4Како што стануваа книгите поуспешни, така и приказната за Ларсон добиваше нови елементи. Прво почнаа да се појавуваат конспиративни тези околу смртта на авторот. Некои сметаа дека Ларсон не починал од последиците на срцев удар, туку дека го убиле десничарските екстремисти.

– Трагедија е што го загубивме, но не е убиен, порачаа неговите најблиски.

По тоа почна мачната битка за наследството. Писателот 32 години живеел со невенчаната сопруга Ева Габриелсон и според шведскиот закон невенчаниот партнер нема право на наследство, така што милионите се слеваат во џебовите на братот и на таткото на Ларсон, со кои, наводно, имал заострени односи. Тешки зборови паднале од двете страни: роднините ја обвиниле Ева Габриелсон дека е ментално нестабилна, таа, пак, за нив велела дека се бескрупулозни и алчни гадови. Во битката меѓу двајцата мажи и жената што ја преболува љубовта на својот живот, јавноста ја избра Ева. Но, сепак, трајна фасцинација претставуваат необјавените ракописи, односно постои ли, навистина, четврт роман или не. Многумина што го знаеле авторот или тврдат дека го знаеле се најдоа повикани да шпекулираат на оваа тема и дали Ларсон воопшто бил во состојба сам да ги напише романите. Дури и Ева била земена предвид како учесник во пишувањето на романите. За писателот и за неговите дела беше изнакажано сешто, од тоа дека бил еден од најгенијалните новинари што чекореле по земјата на Шведска, па сѐ до тоа дека бил новинарски медиокритет, кој не бил во состојба да напише ниту сложена реченица. Како што тргнаа работите, можеби некогаш ќе се дознае вистината за тоа дали Ларсон, навистина, бил страстен екстремен десничар, кој шпионирал за неонацистичките движења.

 

Kultura81-Stig-Larson-3

Во Стокхолм по трагите на јунаците на Стиг Ларсон

Досетливите издавачи со цел да го зголемат уште повеќе интересот за делата на Стиг Ларсон на читателите им нудат дводневен излет во Стокхолм и туристичка обиколка на локациите што се споменати во неговите романи. Пред се станува збор за локации споменати во првото продолжение „Мажите што мразат жени“, а притоа читателите имаат задача да смислат оригинална препорака за читање на второто продолжение од трилогијата на Ларсон, „Девојката што си игра со оган“. Текстот треба да содржи најмногу 500 знаци со кои се препорачува читањето на книгите од трилогијата „Милениум“.

Градскиот музеј во Стокхолм, по светскиот успех на романот „Мажите што мразат жени“ во својата понуда ја помести и прошетката по местата што се споменуваат во книгата на починатиот автор. Обиколката, која трае деведесет минути, на туристите им нуди посета на станови, ресторани, кафулиња, па дури и на редакцијата на измисленото списание „Милениум“ во кое работи главниот јунак на Ларсон, Мајкл Блумквист.

Судејќи според едно интервју во кое говори за своите романи, Ларсон својата работа воопшто не ја мистификувал.

– Пишувам многу брзо. Лесно е да се пишуваат детективски романи. Многу е потешко да се напишат три страници новинарски текст за кој треба многу да се размислува и сѐ треба да биде точно и прецизно, ништо да не погрешите бидејќи во спротивно ќе ве нападнат и ќе ве тужат. Пишувањето криминални романи, т.н. лесна литература, едноставно, е забавно – мошне едноставно одговорил Ларсон на прашањето зошто пишува токму детективски романи и дали тешко се снаоѓа во новиот жанр.

За него пишувањето било мошне едноставно.

– Пишувам книги едноставно за забава, разработувајќи ја идејата што ја имав уште во деведесеттите години. Еднаш додека седев со еден колега, се здодевавме и почнавме да пишуваме текст за чудни детективи близнаци. Токму таа вечер ја добив идејата да напишам детективска книга, но не се решив за близнаци. Место тоа, се решив за Пипи Долгиот Чорап, обидувајќи се да одговорам на прашањата: Каква би била таа денес? Каква би била доколку пораснеше? Што би зборувала? Како би изгледала? Како социопат? Како возрасно хиперактивно дете? Пипи има специфичен поглед на општеството. Таа не гледа на него како сите други „нормални“ поединци. Тоа ми послужи како почетна позиција за ликот на Лизбет Саландер – млада жена, која себеси се смета за целосен аутсајдер. Не познава никого, изолирана е од т.н. социјална интелегенција и ѝ треба некој за рамнотежа. И така настана ликот на Микаел Блумквист, 46-годишен новинар. Способен и добар човек, кој работи во весникот „Милениум“ – изјави Ларсон за својот роман.

(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 81. број на неделникот „Република“, 21.03.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top