Македонија петта година по ред се вклучува во одбележувањето на најголемата светска волонтерска акција „Часот на планетата Земја”. Денеска во 20:30 часот, еден час ќе биде исклучено осветлувањето на скопскиот плоштад „Македонија”, палатата „Пелистер” и Ристиќева палата, Камениот мост и Скопското Кале, како и осветлувањето во трговскиот центар „Сити мол”.
Во Скопје ќе бидат исклучени големите паркови во Аеродром и во Кисела Вода, а во Охрид осветлувањето на Самоиловата тврдина и комплексот Канео.
На плоштадот Македонија со запалени свеќи ќе се формира бројот 60+ што ќе означува 60-минутно штедење на енергетските ресурси и заштита од климатските промени, а во исто време 150 волонтери ќе се движат со запалени свеќи.
Поддржувачите на ова движење во целиот свет еден час ќе ги исклучат светилките и ќе ја испратат оваа порака за намалување на користењето на енергетските ресурси.
Од домашните компании приклучување кон ова движење со одредени активности најавија од ЕВН-Македонија, ВИП и цементарница УСЈЕ.
„ВИП ќе ги исклучи светлата во сите работни простори, како и сите светлечки реклами на продажните места ширум земјата и во седиштето на компанијата во Скопје. Кон оваа акција исто така ќе се приклучат и вработените на ВИП и нивните семејства кои во рамките на тој час ќе го дадат својот придонес за планетата Земја“, соопштија од ВИП.
Цементарницата УСЈЕ еден час ќе ја исклучат мелницата за цемент и сите невитални објекти во кругот на фабриката.
„Во кафе-барот „Драма“ на улица „Македонија“ во Скопје, ЕВН-Македонија по повод ова движење организира прво ноќно читање. Настанот е замислен како можност посетителите да читаат во темнина, со светилки кои ќе ги осветлуваат само страниците на книгите во нивните раце“, соопштија од ЕВН-Македонија.
Фотографиите со свеќите ќе се испратат до светската организација
Ова планетарно движење е поддржано од организацијата WWF (World Wildlife Fund), се спроведува во 154 држави во светот и е поддржано од светските метрополи.
Поддршка на акцијата даде и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) како официјален координатор за климатските промени во Македонија.
Часот на планетата Земја е најголема волонтерска акција со еколошки карактер, која има цел преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час да се испрати силна порака за спас на планетата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.