Под мотото „Хуманоста е важна“ компаниите „Бимилк“ и „Тинекс“ организираа заедничка донаторска и хуманитарна акција која им донесе нова техничка опрема на децата и младинците од Заводот за рехабилитација на деца и младинци „Топанско Поле“ – Скопје.
Оваа јавна установа обезбедува рехабилитациско-корективен третман на деца и младинци со умерени, тешки и комбинирани пречки во интелектуалниот развој.
– Овој третман е комплексен и во себе содржи повеќе сегменти: дневно и интернатско згрижување, воспитание, образование, работно оспособување, работно ангажирање, здравствена заштита, како и културно–забавен и спортско–рекреативен живот на нашите корисници. За таа цел една од приоритетните активности во изминатиот период е обезбедување на средства за опремување на просториите каде престојуваат овие лица со соодветен мебел, компјутери и останати неопходни материјали – истакна м-р Анета Стефановска, помошник-директор на Заводот.
Во пресрет на потребите на Заводот излегоа компаниите „Млекара„ а.д. Битола и „Тинекс“, кои преку акцијата „Хуманоста е важна“ заедно со граѓаните на нашата држава овозможија со секое купено млеко „бимилк“ да се обезбедат средства во вкупен износ од 150.000 денари.
Денеска во Заводот за рехабилитација на деца и младинци „Топанско Поле“ – Скопје беа врачени 3 лаптоп компјутери, 4 печатачи, 5 радио и цеде плеери во вредност од 75.000 денари, додека во Битола во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“ во истиот износ ќе се доделат – 80 јоргани и 80 постелнини.
– Техничките средства, односно техничките помагала кои ги дониравме се повеќе од потребни за оваа институција и посакуваме истите да им помогнат на децата и младите во нивниот социјален и едукативен развој– истакна главниот бренд директор на „Тинекс“ Цветанка Христовска.
Ова е четврта по ред акција на „Бимилк“ во последните четири месеци.
– „Хуманоста е важна“, докажа дека за кратко време од еден месец, граѓаните одговорија на нашиот повик и со секое купено „Бимилк“ млеко придонесоа да се реализира помошта за децата и младите со посебни потреби. Денеска таа беше доделена во Скопје во Заводот за рехабилитација на деца и младинци „Топанско поле“, а во понеделник ќе биде доделена во Битола во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух “Кочо Рацин“ – изјави Полексена Ристеска, маркетинг менаџер на Бимилк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Лила во хуманитарна акција: Во денешно време тоа што ни остана е да покажеме дека сме луѓе !
-
Собрани сретства на хуманитарен базар за децата од Домот без родители „11 Октомври“
-
Еден тон капачиња им донесоа еден тон среќа на четири семејства
-
И оваа година, новогодишниот караван на „Тинекс“ шири празнична магија низ цела Македонија