Добар ден, Крушево!
Буна дѕуа Крушова!
Во херојско Крушево започна борбата за слободна Македонија.
Тука се крена знамето на Крушевската Република. Знаме под кое се бореа илинденците од 1903-та. Знаме кое го презедоа борците во Народноослободителната борба.
Годинава славиме 70 години од првите плодови на таа борба – прогласувањето на АСНОМ-ска Македонија!
Славиме и продолжуваме во нова борба – за наша Македонија, за економски напредна Македонија!
Почитувани сограѓани,
Пред 2 години, тука, во Крушево, на ден Илинден реков: „Да се биде Македонец значи почитување на сограѓанинот и вклучување во заедничкиот живот на најдоброто од вредносниот систем на другиот. Тоа е моќта на оваа наша земја и на оваа наша национална кауза. Да се биде Македонец и граѓанин на Република Македонија значи да се биде толерантен и да се почитуваат културата и обичаите на другиот“.
Програмата со која излегов пред вас во 2009 година е исполнета. Реализирав и повеќе од тоа што беше предвидено.
Пред неколку дена го претставив и отчетот за сработеното.
Остануваме посветени на македонскиот модел на соживот, што е врежан во Крушевскиот манифест. Тоа е наша вредност и завет од илинденците.
Пет години како претседател на Република Македонија не отстапив од заветот на илинденците. Бев претседател на сите граѓани, независно од етничката, верската или која било друга припадност.
Ме избравте за да ве претставувам. Да бидам вашиот глас каде и да одам. Фактите зборуваат дека чесно и одговорно ја вршев функцијата:
450 средби со претседатели, премиери, министри, државници. Повеќе од 100 официјални, работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. Бев домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави. На секоја средба, на секоја посета работев на обезбедување квалитетен живот за моите сограѓани.
Како народен човек, никогаш не го заборавив народот. Ги посетив повеќето општини, градови, населени места во Македонија. Во мојот кабинет примив преку 5000 граѓани. Секогаш за нивните предизвици дознавав од прва рака. На оние што бараа помош се трудев да им помогнам во рамките на моите надлежности.
Соработував со Владата. Заедно, многу постигнавме:
- Обезбедивме визна либерализација за нашите граѓани.
- Добивме пет позитивни извештаи и пет препораки за почеток на преговорите за членство во Европската унија.
- Обезбедивме нови странски инвестиции, се отворивме кон нови пазари и создадовме нови можности за македонската економија.
Резултатите од досега направеното се видливи. Знаеме што треба да се направи понатаму. Покажавме дека знаеме да ги реализираме целите и да ги остваруваме проектите.
Денес повторно сум меѓу вас и со чист образ повторно ја барам вашата доверба за да продолжам со иста посветеност, чесност и искреност, да работам за Македонија.
Имам јасни цели што заедно можеме да ги оствариме:
Европа во Македонија и Македонија во Европа!
Држава и економија кои создаваат нови работни места!
Македонија, дом во кој се гради благосостојба за сите!
Почитувани сограѓани,
Ќе продолжам да се залагам за членство на Република Македонија во Европската унија и НАТО.
Блокадите од јужниот сосед ќе продолжиме да ги надминуваме со реформска работа дома, и со политика на отвореност, дијалог и соработка кон надвор.
Мојот став е јасен. Нема да прифатам промена на Уставот, со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот.
Нема да дозволиме Република Македонија и македонските граѓани да бидат обезличени!
Македонските граѓани сами одлучуваат за своите клучни национални прашања. Никој, освен македонските граѓани, нема право да одлучува за името на нашата татковина Македонија. Тоа ни е оставено од нашите илинденци.
Со секоја спроведена реформа, со секој донесен и спроведен закон, со секоја подобрена јавна услуга, со секој нов пат, ново училиште, нова болница, спортски терен, продолжуваме да ја градиме Европа во Македонија. Да ја приближуваме Македонија кон Европа.
Европа ја градиме во Македонија со секое ново работно место.
Во Крушево се градат и се обновуваат патиштата и улиците, водоводната мрежа. Изградено е училиште и во Свето Митрани. Реконструирана е крушевската болница.
Во Крушево се инвестира во спортот, во спортски центри и скијачки патеки. Изградено е фудбалско игралиште и спортска сала, тениски терен и пливачки базен.
Преку Спомен-куќата на Тоше Проески го негуваме и споменот за големата македонска и балканска музичка ѕвезда.
Крушево е град-музеј. Државата одвојува средства за да го врати стариот сјај на Крушево. Преку секоја обновена фасада на прекрасните крушевски куќи. Туристите во Крушево доаѓаат за да го доживеат автентичниот староградски живот. Проектот „Крушево-етно град“ е одличен проект. Многу направи за популаризацијата на вашиот град. Затоа како претседател на Република Македонија го потпишав Законот за прогласување на споменичната целина, Крушево за културно наследство од особено значење.
Почитувани сограѓани,
Имаме конкретни проекти и остваруваме конкретни цели.
Приоритетна цел ни е економски раст и развојот на Македонија, за доброто на граѓаните.
И во следниот мандат, приоритет ни се, држава и економија кои создаваат нови работни места.
Главниот потенцијал на градот е туризмот. Се инвестира и во зимскиот и во спортскиот и во културно-историскиот туризам. Прославата на Илинден, 10-те дена Крушевска Република, Етно-град, крушевската софра, параглајдерството, привлекуваат многу туристи од Македонија и од странство.
Треба да ни биде заедничка цел туристичката сезона во Крушево да трае цела година. Оваа година, Крушево е престолнина на културата. Крушевчани ќе бидат домаќини на многу учесници и посетители на настаните. Крушево ќе заживее. Веќе се планира и туристичка развојна зона за Крушево како долгорочна инвестиција во оваа стопанска гранка. Со тоа ќе се отвораат многу нови работни места.
Драги сограѓани,
Знаеме каде одиме, знаеме што сакаме. Ве повикувам сите вас, сите граѓани, со заедничка енергија побргу да ги оствариме програмските цели што го обединуваат целото македонско општество:
Европа во Македонија и Македонија во Европа!
Држава и економија кои создаваат нови работни места!
Македонија, дом во кој се гради благосостојба за сите!
Само заедно можеме да ги исполниме целите. Само заедно можеме да направиме уште многу за Македонија да биде земја на благосостојба.
Одиме кон победата затоа што изборот е Македонија!
Државата пред сè!
Македонија пред сè!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Параглајдерист тешко повреден кај Крушево











