Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив Работнички ангажираше ново име во своите редови. Се работи за американскиот крилен центар Вилијам Колмен, кој потпиша за клубот од Градски парк до крајот на сезонава со можност за продолжување на договорот.
Управата на клубот пред неколку дена се засили со доведувањето на Димитар Мираковски, а најавува и борба за титулата преку ангажирање играч на најдефицитарната позиција.
Колмен е висок 206 сантиметри со 115 килограми и доаѓа од редовите на црногорскиот шампион Будуќност, кој со успех настапуваше во АБА-лигата. Во досегашната кариера има настапувано за францускиот тим Ле Ман и за Кавала од Грција.
Американецот се очекува да пристигне во Скопје денеска и да биде на располагање на тренерот Емил Рајковиќ веќе на попладневниот тренинг.
Утре Работнички игра пријателски натпревар против Лукоил од Бугарија во својата сала во 19 часот и е вистински момент верните навивачи да се запознаат со исклучителните квалитети на овој кошаркар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.