Чашка! Срцето на Македонија! Отсекогаш сте давале луѓе со големо срце за Македонија! Од Папрадиште е борецот за правото и за слободата на македонскиот народ, Димитрија Чуповски. Од Богомила е и Петар Поп Арсов, еден од основачите на Македонската револуционерна организација. Тие се бореа за слободна и независна Македонија. Нашата генерација ја продолжува борбата за успешна и економски развиена Македонија – вака претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов го започна својот говор на митингот во Чашка.
– Пет години бев вашиот глас, каде и да одев. Остварив преку 450 средби со претседатели, премиери, министри, државници. Остварив повеќе од 100 официјални, работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. Бев домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави на Република Македонија. Целиот мандат го посветив на отворањето нови можности за македонската економија, образование, спорт, за младите. Секогаш бев меѓу народот, и народот доаѓаше кај мене. Преку 5000 граѓани дојдоа кај мене, во мојот кабинет. Со сите се сретнав, сите ги слушав, разговарав со нив и секогаш за нивните предизвици дознавав од прва рака. Имаше многумина што бараа помош. Се трудев да им помогнам во рамките на моите надлежности. Соработував со премиерот, со Владата и со министрите во областите на поделена надлежност, но и во економската промоција на Република Македонија – рече Иванов.
Тој нагласи дека заедно со Владата и во тешки времиња за Европа и светот, времиња на криза, успеале да овозможат Македонија да има економски успеси. Со реформи станавме привлечни за странските инвестиции. Македонија стана еден од најдобрите реформатори во светот и најдобар во Југоисточна Европа.
– Многу се прави за земјоделството. До сега се исплатени половина милијарда евра субвенции за земјоделците. Само за овој регион од 2006 до 2013 година исплатени се околу 1.27 милијарди денари. Само за 2013 година се исплатени 150 милиони денари субвенции за одгледување тутун, житни растенија и за сточарството. Деновиве се одржала и успешна регионална трибина за органското земјоделство и за добрата земјоделска практика. Производството на квалитетна органска храна може да отвори нови пазари и да создаде нови работни места за Чашка. Ќе ги поддржам ваквите иницијативи. Вашите земјоделски и сточарски производи треба лесно и брзо да стигнат до пазарите низ Македонија. Затоа се инвестира во патишта и во железници. Се врши реконструкција на локалниот пат Манастир – Мокрени – Мокрени – Теовски уши. Деновиве се очекува да започне и реконструкцијата на локален пат за село Мелница. Но, не се ограничуваме само на локалните патишта. Ќе се обнови и железничката станица во Чашка, преку која општината е поврзана со меѓународниот Коридор 10. Ни треба вашата поддршка за да продолжиме на ист начин и со уште посилно темпо – додаде Иванов нагласувајќи дека Чашка има одлични потенцијали за развој на планинскиот туризам. Веќе се уредени 40 километри патеки на планинарска инфраструктура на планините Даутица и Јакупица.
-Државата продолжува да инвестира и во спортот. Изградено е фудбалско игралиште. Доделена е спортска опрема за децата од социјално ранливите категории. Македонија е земја на солидарноста. Се грижиме за сиромашните. Отворена е Народна кујна. Како држава, ние мора да бидеме солидарни со луѓето кои имаат потреби. Мора да се грижиме за здравјето на нашите граѓани. Има редовни здравствени услуги и домашна визита. Реновирана е и Специјалната болница за белодробни заболувања „Јасеново“. Уредено е речното корито на реката Тополка, а се планира и изградба на филтер-станица во населбата Чашка, со која ќе се реши проблемот со водоснабдувањето, кој е особено изразен во летниот период. Сево ова се конкретни проекти и конкретни резултати. Покажавме како треба да се гради Македонија – рече Иванов пред насобраните граѓани.
Тој на крај нагласи: Јас секогаш велам: „Каква Македонија градиме, таква ќе ја имаме“. Ние знаеме каква Македонија сакаме и каква ја градиме. Градиме успешна, напредна и почитувана Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана
-
Претседателот Иванов со порака до граѓаните: На Илинден сите дојдете на Мечкин Камен во Крушево