| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Владата на дело покажува како се работи за Македонија

PRM_9794

Претседателскот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорги Иванов оддаде големо признание на Владата за вложените напори.

– На дело покажуваат како се работи за Македонија. Исплатени се половина милијарда евра субвенции за земјоделците, донесени се речиси 2 милијарди евра странски инвестиции, спроведени се реформи во речиси секоја област од животот, а просечната пензија е зголемена за 62 проценти – рече Иванов.

Тој го истакна фактот дека Македонија стана дел од гасоводот „Јужен тек“, како и новите странски инвестиции.

– Сакаме и помалите градови, помалите населени места бргу да се развиваат. Се враќаат оптимизмот и вербата дека може да се биде успешен не само во Скопје, туку и во Свети Николе. Кој сега сака да дојде во вашиот град, мора да оди преку Куманово или преку Велес. Но, тоа ќе се промени. Кога ќе се заврши патот Миладиновци – Штип, светиниколци ќе можат да патуваат во Скопје за само половина час. И тоа по 28 километри пократок пат, нов автопат, потенцира кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека со тоа Свети Николе ќе стане значен транзитен центар за централна и источна Македонија со што ќе заживее стопанството во општината и во градот и ќе се создадат услови за нови работни места.

Посочувајќи на конкретни проекти и видливи резултати рече дека е инвестирано во регионална патна мрежа, во обезбедување вода за пиење за жителите од овој регион, спортски сали, во образованието, како и во земјоделството.

– Ќе даваме поддршка на инститиуциите, општините и стопанството за создавање нови работни места. Имате релативно голема општина по површина. Го имате Овчеполието, втората житница во Македонија, која е пред се земјоделска земја, рече Иванов и потсети дека државата вистински го вреднува трудот на земјоделците и оти од 2006 година досега се исплатени 550 милиони евра субвенции.

Според него напорите веќе ги даваат и првите плодови. Холандската компанија „ИД Балкан“ веќе почна да ја гради фабриката за производство на печурки во индустриската зона „Овче Поле“ што ќе отвори нови 450 нови работни места. Иванов изрази уверување дека ќе има уште повеќе инвестиции за уште повеќе нови работни места, за луѓето да работат, да основаат семејства и да ја планираат иднината на своите деца.

Им порача на светиниколци дека со инвестирањето во земјоделството Македонија може да се прехрани и себе и другите, а Овче Поле ќе биде едно од најразвиените.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top