| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Цел ни е да се отвораат нови работни места!

lozovo ivanov6

– Надалеку сте познати по виновата лоза. Кога одам на закројување на лозјата за Св. Трифун, го фалат и вашето грозје. Правите и добро вино и добра ракија. Вашата општина е пример за меѓуетнички и меѓурелигиски соживот. Македонци, Власи, Турци, Срби, христијани, муслимани и сите живеете од обработување на земјата. И јас самиот доаѓам од земјоделски крај, од Валандово. Сме живееле од напорен труд, од земјата. Откако станав претседател, цел мандат се среќавав и со претседатели, премиери, државници, но ја користев секоја пригода да се сретнам со моите сограѓани – им посочи кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, на средбата со граѓаните во Лозово.

Тој нагласи дека во својот кабинет примил преку 5000 граѓани.

– Кабинетот беше отворен за многу луѓе. Ги слушав, разговарав со нив и секогаш за нивните предизвици дознавав од прва рака. Имаше многумина што бараа помош. Се трудев да им помогнам во рамките на моите надлежности – додаде тој.

На жителите во Лозово им посочи дека знае колку се посветени на земјата.

– Кога и да посетам земјоделски краишта, секогаш наоѓам трудољубиви и чесни луѓе. Луѓе-работници кои со свои раце го печалат својот леб. Македонија е земјоделска земја. Нашиот народ со векови ја обработувал земјата која му давала плод. Владата вистински го вреднува трудот на земјоделците. Од 2006 година досега се исплатени 550 милиони евра субвенции на земјоделците. Годинава веќе се исплатени околу 70 милиони евра субвенции на лозарите, сточарите, овоштарите и други, а до крајот на годинава ќе се исплатат уште 140 милиони евра. Со инвестирање во земјоделството, Македонија може да се прехрани и себе и другите. Вашите земјоделски и сточарски производи, житните култури, грозјето треба лесно и брзо да ги пласирате на пазарите низ Македонија. За тоа се инвестира во инфраструктурата. Се градат, обновуваат и прошируваат патиштата, како што е патот од Велес преку Лозово до Кадрифаково – рече Ивановски.

Тој нагласи дека државниот врв и државните институции ќе продолжат да привлекуваат нови странски инвестиции во Македонија.

– Каде и да одам, се трудам да обезбедам услови за подобар, поквалитетен живот на сите граѓани на Македонија. Државата работи навистина посветено и ги исполнува ветувањата. Се гради и пречистителна станица за вода за пиење, се прават и поправаат селските улици низ општината. Веќе е доделена лиценца за аптека тука, кај вас, во Лозово. Отворено е училиште во Далибеговци, фудбалско игралиште „Парменион“ во Лозово и повеќенаменско маалско игралиште во Малино. До сега се отворени 120.000 работни места во Македонија. Цел ни е да се отвораат уште повеќе нови работни места, за луѓето да работат, да заработуваат и да си ја планираат иднината на децата. Ќе давам поддршка на институциите, општините и стопанството за создавање нови работни места. Ќе ги поддржувам иницијативите и проектите за вработување на младите и самовработување.  Во Лозово веќе се спроведуваат и активни мерки за вработување, едукација за отпочнување бизнис, за јазици и компјутери, обуки кај работодавачи… Ја бараме вашата поддршка за да продолжиме да работиме на развој на земјоделството, сточарството, инфраструктурата. Македонија да ја правиме подобро место за сите – рече Иванов и додаде:

Знаеме каде одиме, знаеме што сакаме. Ве повикувам сите вас, сите граѓани, со заедничка енергија побргу да ги оствариме програмските цели што го обединуваат целото македонско општество:

  • Европа во Македонија и Македонија во Европа.
  • Држава и економија кои создаваат нови работни места.
  • Македонија дом во кој се гради благосостојба за сите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top