Успешно се одвива и втората година од проектот за престој и работа на врвни специјалисти од САД во Република Македонија.
Минатата година 32 специјалисти престојуваа во јавните здравствени установи во државава и работеа заедно со нашите доктори специјалисти, а годинава се планира престој на двојно повеќе врвни доктори од САД.
Досега престојуваа 17 доктори, оваа пролет ќе дојдат уште 12, а до крајот на годинава се очекуваат уште 40 специјалисти од САД.
Министерот за здравство, Никола Тодоров, денес одржа средба со специјалистите кои се присутни во земјава и со координаторот на проектот Енди Сандерс, кој е овде за да продолжи да го шири интересот за овој проект меѓу специјалистите и медицинските центри во САД.
-Во Македонија престојува доктор Дејвид Ларсон, кој е еден од водечките хирурзи во САД, со огромно искуство во ОРЛ и пластичната хирургија. Специјалистот и водечкиот професор во САД за деца со хормонални нарушувања, Роберт Хофман, работи со своите колеги од детската клиника и држи предавања на персоналот и специјализантите. Исто така, во моментов во Македонија престојува и Марк Лејси, специјалист по инфективни заболувања, ХИВ и превенција на инфекции – истакна Тодоров.
Тој посочи дека по својот престој во Македонија, специјалистите од САД изготвуваат посебен извештај кој го доставуваат до Министерството за здравство, со нивното видување за здравствениот систем во Македонија и со препораки за тоа што треба да се направи и во кои области е потребен напредок.
Од таму се донесува заклучок во какви клиники и одделенија треба да се испратат македонски доктори на пракса во болниците од развиените држави.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.