Режисерот Стојан Вуичиќ од продукцијата „Дрим фактори“ смета дека втората сезона на „Танц со ѕвездите“ ги надмина веќе високо поставените стандарди од првата година.
Продуцентот Огнен Антов, пак, вели публиката е таа што ќе реши дали ќе има и трета и повеќе сезони на популарното танцово шоу.
– Ме прашуваа дали има доволно ѕвезди во Македонија. Верувајте има. Најголемиот проблем со кој се соочуваме се нивните аранжмани. И за двете сезони разговаравме со Каролина, која имаше желба да учествува, но поради обврските околу новиот албум, не излезе ништо. Поради совпаѓањето со „Златна бубамара“ и новата претстава годинава, и Сашко Коцев не можеше да се посвети на шоуто – вели Антов.
Разговори се воделе и со Елена Ристеска, па дури и со Панчо ДНК.
– Следната сезона би сакале да го промениме профилот и да доведеме фолк-пејач или пејачка. Многумина од нив се заинтересирани, но периодот кога почнува сезоната, односно новогодишните празници, тие веќе имаат закажано настапи во Австралија, Канада и слично – вели Антов.
Тој се надева дека и оваа година публиката ќе им помогне во изборот.
– Би сакал да апелирам да бидат реални и да се избегнат предлози од типот на Кире Лазаров, Наумче Мојсоски, браќата Стојановски. Ова е проект што бара целосно посветување, а тоа се, сепак, професионалци, кои имаат свои аранжмани, обврски, договори – истакнува Антов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.