| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија по петти пат ќе се вклучи во акцијата „Часот на планетата Земја“

Петта година по ред, Македонија се вклучува во најголемата светска волонтерска акција “Часот на планетата Земја“, кога на 29 март во 20:30 часот по локално време, ќе биде исклучено осветлувањето на многу познати споменици и објекти ширум светот.
За првпат од вклучувањето во акцијата, Македонија направи своја маркетинг кампања, во која се придружија 14 познати личности од Македонија и регионот, меѓу кои познатите Х-Фактор ѕвезди Армин Маликиќ и Урош Туркулов, актерката Весна Петрушевска, водителката Снеже Велков, модната дизајнерка Елена Лука и многу други, кои ќе ги исклучат светилките на 29 март и ќе ја покажат својата поддршка за акцијата.
webPoster

Денес го промовираме финалното видео од кампањата, во кое освен познати личности, своја порака за поддршка кон акцијата испраќаат и останатите граѓани, со што го докажуваме нашето мото дека не треба да се биде суперхерој за да се спаси планетата Земја.
– “Навистина сум среќен што минатите две недели секојдневно промовиравме по една позната личност која се вклучува во нашата акција, а денес ја имаме можноста да ви го прикажеме и официјалниот видеоспот, со кој ќе ја промовираме акцијата Часот на планетата Земја и нашата земја на светско ниво во наредните две недели.“ – изјави Ѓорги Селков, главен организатор на Часот на планетата Земја во Македонија.
Во акцијата се вклучуваат Министерството за животна средина и просторно планирање како официјален координатор за климатски промени во Македонија, а втора година по ред, Црвениот Крст на Република Македонија преку сите 34 општински организации и Црвениот Крст на град Скопје, ќе ја обединат својата моќ со Часот на планетата Земја и ќе ја покажат симболиката на најголемата светска волонтерска акција.
– “Ќе ги исклучам светилките во поддршка на акцијата, но исто така ќе ги повикам и моите пријатели да го сторат истото, бидејќи кога ќе се обединиме во една заедничка иницијатива, нашата моќ е зголемена, засилена и глобализирана!“ – изјави Матеј Костовски, волонтер во Часот на планетата Земја.
Оваа година во Часот на планетата Земја официјално се приклучуваат скопските општини Аеродром и Кисела Вода, а во наредните две недели ќе најавиме кои споменици и останати јавни објекти од Скопје и останатите градови ќе потонат во мрак во период од еден час во рамки на акцијата.
-“Македонија со гордост може да се пофали дека е дел од Часот на планетата Земја, бидејќи со ова докажуваме дека иако сме територијално мали, имаме голема иницијатива да направиме промена во светот и да ја спасиме Земјата! Јас ќе ги исклучам светилките на 29 март во 20:30 часот и ве повикувам и вие да го сторите истото.“ – додаде Војдан Андонов, волонтер во акцијата.
Оваа година, акцијата се одржува на 29 март (сабота), кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 градови низ 154 држави ширум светот, а меѓу нив дел е Македонија.
– “На самиот крај би сакал да упатам јавен апел до градоначалникот на град Скопје, како и до останатите градоначалници на општините низ Македонија и јавно да ги поканам да се вклучат во акцијата и да го исклучат осветлувањето на спомениците и објектите од јавен карактер на својата територија, бидејќи со тоа ќе докажеме дека Македонија со гордост е дел од светската акција Часот на планетата Земја и заедно со останатите 153 држави ширум светот ќе потоне во мрак на 29.03 во 20:30 часот! Затоа повикувам: Македонијо, вклучи се во акцијата – исклучи ги светилките!“ – за крај дополни Селков.
Часот на планетата Земја претставува најголемата светска волонтерска акција со еколошки карактер, која има за цел преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час да се испрати силна порака за спас на планетата.
 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top