Светскиот ден на поезијата, 21 март, беше одбележан со свеченост во организација на УНЕСКО и Струшките вечери на поезија во свечената сала на амбасадата на Република Македонија во Париз.
Беа претставени овогодишните лауреати на „Златен венец“, Ко Ун од Република Кореја и на наградата „Мостови на Струга“, Хари Ман од Велика Британија.
Пред присутните дипломатски преставници на неколку земји во УНЕСКО, дипломатските претставници на земјите од каде потекнуваат лауреатите, и другите присутни, зборуваа амбасадорот на Република Македонија во Франција и во УНЕСКО, Агрон Буџаку, претседателот на Управниот одбор Славе Ѓорѓо Димоски, и директорот на Струшките вечери на поезијата Мите Стефоски.
Беше присутен и лауреатот на „Мостови на Струга“, Хари Ман, кој читаше свои стихови. Модератор на вечерта беше Јасмина Шопова од УНЕСКО, која воедно беше и претставник на генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова.
По повод настанот УНЕСКО на својата веб-страница објави пригоден информативен текст за лауреатите. Оваа информација беше единствената по повод Светскиот ден на поезијата објавена на веб-страницата на УНЕСКО, покрај пораката од генералниот директор Ирина Бокова. На видно место на истата страница беше поставено логото со линк до веб-страната на Струшките вечери на поезијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.