Шефовите на држави и влади на членките на Европската унија одлучија да додадат нови 12 имиња на „црната листа“ на санкционирани руски функционери, соопшти рано утрото претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј.
Тоа е главен резултат од маратонската работна вечера на која шефовите од 28 држави од ЕУ дискутираа за заедничкиот европски одговор на припојувањето на Крим кон Русија.
Ван Ромпуј не ги наведе имињата на функционерите кои ќе се придружат на листата од 21 кримски и руски функционери поради поттикнување сецесија на Крим. Ним им е забрането патување во ЕУ и располагање со средства во европски банки. Тој рече дека на листата се и „некои многу високи функционери“.
– Санкциите не се одмазда ниту цел, туку надворешнополитички алат. Не може во 21 век границите да се менуваат со сила – изјави Ван Ромпуј на прес-конференција.
Тој најави дека во случај Русија да преземе мерки за деескалација на кризата ќе бидат воведени поостри санкции.
Освен индивидуалните санкции, лидерите во ЕУ се договорија и да биде откажан самитот ЕУ-Русија како и билатералните средби на високо ниво со руски функционери.
Ван Ромпуј најави дека ЕУ денеска свечено ќе потпише договор за асоцијација со Украина.
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека ЕУ е подготвена финансиски да ја поддржи новата влада во Киев под услов да постигне договор со ММФ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.