| четврток, 6 декември 2018 |

Џо Бајден: Посилна НАТО поддршка за сојузниците кои граничат со Русија

Американскиот потпретседател Џо Бајден денеска изјави дека активностите на Русија во Крим претставуваат „грабање територија“ и потврди дека Вашингтон не отстапува од обврската да ја осигура безбедноста на своите сојузници кои
граничат со Русија.

На заедничка прес-конференција во Варшава со полскиот премиер Доналд Туск, по нивната заедничка средба, Бајден соопшти дека гаранциите за колективната безбедност остануваат во темелот на НАТО.

Тој додаде дека Вашингтон во иднина ќе преземе дополнителни мерки за зацврстување на Алијансата и соопшти дека САД до 2018 година ќе го завршат разместувањето на елементите од системот за противракетна одбрана во Полска.

Бајден, притоа, се приклучи кон позицијата на Полска и меѓународната заедница и осудувуајќи ги натамошните напади врз суверенитетот на Украина, кои, според него, се силно прекршување на меѓународното право.

Тој потенцира дека во пракса целиот свет го отфрли референдумот во Крим, што на Русија и го расчисти патот за одземање на полуостровот од Украина.

Потпретседателот на САД уште додаде дека на Русија ќе и бидат наметнати дополнителни санкции, доколку продолжи со својот план за вклучување на Крим во својата територија.

Изјавата на Бајден беше дадена непосредно откако рускиот претседател Владимир Путин го потпиша договорот за присоединувањето на Крим кон Русија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top