| четврток, 6 декември 2018 |

Најмладата пациентка во Македонија со рак на дојка има 17 години

borka-donacija

Старосната граница се поместува и најмладата пациентка со рак на дојка во Македонија има 17 години. Бројот на новозаболени од рак на дојка е во пораст и според податоците што се објавени од Меѓународната агенција за истражување на ракот ГЛОБКАН, во 2012 година се забележани 1.152 нови случаи на рак на дојка. Од нив 431 се починати. Овие податоци ги соопшти претседателката на Здружението за борба против рак „Борка“, Биба Додева.

Директорот на Клиниката Зоран Спировски рече дека карциномот на дојка зазема епидемиски карактер.
Според него, иако многу напори се прават за превентивно да се делува во смисла на рано откривање на карциномот на дојка што би значело и продолжување на квалитетот на живот и излекување, сѐ уште е голем бројот на пациентки кои доаѓаат во еден доцен стадиум кога хируршки може да се помогне, но на тоа следи и дополнителна терапија која во целина се спроведува на Клиниката.

Додева денеска заедно со сопругата на претседателот на Република Македонија Маја Иванова ја посети Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, а претставници на „Борка“ на пациентките им поделија подароци.
Додева посочи дека станува збор за навистина енормно зголемување на бројот на заболени од рак на дојка од тој број со кој веќе неколку години наназад калкулираме, односно 650 до 700 новозаболени од рак на дојка. Бројот на новозаболени од рак на дојка е во пораст.

Според неа, порастот на бројот на новозаболени од рак на дојка од една страна покажува зголемена свест на жените да одат навреме на преглед и да се детектира ракот во поран стадиум, а од друга страна покажува дека старосната граница на жените кај кои ракот на дојка е дијагностициран сѐ повеќе се намалува и се повеќе млади жени се заболени од оваа болест.
– Посетата на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија ја правиме традиционално неколку години наназад. Двапати во неделата волонтерките од здружението „Борка“ ги посетуваат пациентките на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија – додаде Додева.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top