Еврејската заедница во Република Македонија ќе го одбележи 11 март, Комеморативен ден на холокаустот на македонските Евреи.
Оваа година се одбележуваат 71 година од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во концентрациониот логор „Треблинка“, од каде што ниту еден не се врати. Во „Треблинка“ беа убиени 98 проценти од вкупното еврејско население во Македонија во 1943 година, еден од најголемите проценти во светот.
По тој повод, еврејската заедница во Република Македонија одржува низа комеморативни активности во Скопје, Битола и Штип во спомен на загинатите македонски Евреи.
Како и години наназад, на 10 март делегации од заедницата одат во посета на Битола и Штип, каде што пред холокаустот имаше големи еврејски заедници.
На 11 март, централните активности се одвиваат во Скопје. Ќе биде положено цвеќе на местото на привремениот логор, Мополот, на еврејските и на партизанските гробишта, како и прием кај градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Активностите завршуваат со комеморативен концерт на хорот на еврејската заедница „Моис Хасон” во киното „Фросина“ во 20.00 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


