| четврток, 6 декември 2018 |

Катастарот ќе ги запишува парцелите за кои не е утврдено кому припаѓаат

katastar

Околу 50 илјади градежни парцели кои се уште немаат утврдено сопственички права, во следниот период ќе бидат запишани во Агенцијата за катастар на недвижности.

Од нив, за 40 илјади парцели има податоци во Катастарот и за нив по службена должност ќе се направи запишување со што 26 илјади граѓани бесплатно ќе добијат имотен лист, додека за останатите 10 илјади парцели веќе е објавен повик до граѓаните да ги достават сите документи за сопственост со кои располагаат до надлежните институции.

– За 40-те илјади парцели граѓаните не треба да поднесат никакви документи, туку Државното правобранителство ќе поднесе барање до Катастарот и тој врз основа на постојната евиденција ќе ги запише овие кориснички права на граѓаните, кои потоа тие ќе може да ги приватизираат пред Управата за имотно-правни работи при Министерството за финансии. За останатите 10 илјади парцели градежно земјиште имаме повик до граѓаните да ја донесат целокупната документација што ја имаат за сопственост за да можат и тие се запишат во Катастарот – појасни директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески на денешната прес-конференција.

Јавниот оглас е објавен за катастарски парцели во Кумановско, Велешко и Беровско, додека за општината Маврово-Ростуше повикот ќе биде објавен на 2 јуни.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, се работи за значаен проект кој е во интерес на граѓаните со кој ќе се дозаокружи процесот на запишување на имотите на целата територија и ќе се раздвижи пазарот на недвижности.

– Ова е значајно од повеќе аспекти бидејќи ќе се заокружи процесот на запишување на имотите на целата територија на државата, еден крупен и сеопфатен процес кој започна во 2006 година и кој во 90 проценти досега е завршен со што граѓаните се стекнаа со соптвеничко право на имотите што им овозможи да ги купуваат, продаваат или да ги заложат како хипотека во банките. На тој начин дојде до раздвижување на пазарот на недвижности, односно во 2005 година во Катастерот беа евидентирани 3.400 илјади трансакции за недвижности, во 2008 – 636 илјади, а последниве години има над еден милион трансакции – нагласи Ставрески.

Од аспект на Министерството за финансии, оцени Ставрески, ќе се дозаокружи процесот на приватизација и откуп на  дворното земјиште по цена од едно евро по метар квадратен.

– На овој начин и овие 26 илјади граѓани ќе можат по најмалку можно трошоци да дојдат до сопствен имот со кој ќе можат да располагаат – рече Ставрески.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески смета дека со овој процес ќе се забрза процесот на легализација.

– Со оваа активност ќе им овозможиме на 26 илјади граѓани побрзо да го завршат процесот на легализација. Наместо поединечно општината да доставува барања до Катастарот и поединечно да ги изложуваат парцелите, сега систематски ќе бидат изложени 40-те илјади парцели – појасни Јанакиески.

Во Македонија има запишано 4,2 милиони парцели од кои 90 проценти се со запишани права.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top