| четврток, 6 декември 2018 |

Кампањата за предвремените парламентарни избори почнува на 5 април

Kampanja

Државната изборна комисија денеска со консензус одлучи изборната кампања за предвремените парламентарни избори да започне на 5 април, а имајќи го предвид првиот круг од претседателски избори и молкот за нив, на 12 и 13 април кампањата да биде прекината и да продолжи следниот ден и да заврши на 27 април за кога се закажани предвремените парламентарни избори и треба да се одржи вториот круг од претседателските избори доколку шеф на државата не биде избран во првиот круг.

Членовите на ДИК потенцираа дека донеле правична одлука во рамките на Законот која што е лесно применлива во услови кога се одржуваат предвремени парламентарни избори и истовремено вториот круг од претседателските избори.

ДИК денеска го донесе Роковникот за изборните дејствија за предвремените парламентарни избори. Согласно овој документ листите на кандидати за пратеници треба да бидат доставени до највисокото изборно тело до 29 март, а жребувањето треба да се одржи на 3 април.

Јавниот увид во избирачкиот список за предвремените парламентарни избори ќе започне на 16 март и ќе трае до 30 март. Државјаните на Република Македонија со престој и живеалишта во странство од вчера до 31 март ќе можат да поднесат барање за гласање на предвремените парламентарни избори. Повторно во земјите каде што Република Македонија има свои дипломатско-конзуларни претставништва во весниците ќе биде објавен јавен повик за гласањето на овие избори. Дијаспората на предвремените парламентарни избори ќе гласа на 26 април, односно еден пред предвремените парламентарни избори и вториот круг од претседателските од 7 до 19 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top