Во Македонија годишно од рак на белите дробови заболуваат 800 лица. Ракот на бели дробови е најчеста малигна болест во светот. Секоја година се зголемува бројот на новозаболени пацеинтки со рак на дојка, чиј број изнесува од 650 до 750.
– Малигните заболувања добиваат епидемиски карактер – изјави директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, проф. д-р Зоран Спировски, кој рече дека располагаат со најсовремени методи во третманот на ракот на дојката.
– Од оваа година благодарение на разбирањето од Фондот за здравственото осигурување и Министерството за здравство се заокружи тој современ процес на лекување со имплантација на протези кај пациентки, која може да се врши уште за време на примарната операција или подоцна по завршениот комплетен третман – посочи Спировски.
Тој нагласи дека на Клиниката се оперираат повеќе од 80 проценти од малигните заболувања, како што се на бели дробови, хранопровод, тироидна жлезда и на дојка.
– Подготвени сме на сите нивоа да им помогнеме на пациентите кои доаѓаат кај нас. Најдобро лекување е превенцијата. Треба да се почитуваат одредени моменти во хигиено-диететскиот режим на живот. Тоа се моменти кои имаат влијание во појавувањето и во развојот на болеста – додаде Спировски.
Пациентките на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија денеска ги посетија членови на првото антиканцер здружение „Животна искра“, по повод Неделата на борба против ракот, а во пресрет на Денот на жената, 8 март. Од „Животна искра“ ги посетија и пациентките на клиниките за дигестивна хирургија и за радиотерапија и онкологија.
Претседателката на „Животна искра“, Виолета Томовска, изјави дека 21 година по ред ги посетуваат пациентките на тие клиники по повод Неделата на борба против ракот, а во пресрет на Денот на жената, 8 март.
– Среќни сме што можеме да им подадеме рака на жените кои имаат здравствени проблеми, но и на здравите жени кои треба што повеќе да мислат на своето здравје – посочи Томовска.
Пушењето е најчест причинител за рак, а останатите ризични фактори за појава на болеста се алкохолот, физичката неактивност, дебелината, слаба консумација на зеленчук и овошје, загадувањето на животната средина, ХПВ и хепатитис Б вирусите, арсенот во водата, афлатоксините во храната итн.
Најчеста форма на малигни заболувања кај мажите се ракот на белите дробови, желудникот, простатата и на дебелото црево, а кај жените ракот на дојката, белите дробови, желудникот, дебелото црево и на матката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.