Eкономскиот тим, предводен од вицепремиерот Владимир Пешевски и од директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида, денеска ги презентира условите за инвестирање и водење бизнис во Македонија пред бизнис заедницата во Акрон, Охајо.
На бизнис форумот се пријавени да учествуваат компании од индустријата на производство на полимери и пластични маси, како и компании од други индустрии. Делегацијата ќе оствари средба и со претставници на клубот на македонски бизнисмени од Акрон, каде што подетално ќе ги запознае иселениците за бизнис можностите во Македонија.
Акрон е град кој во минатото е познат како „Град на гумата“, центар на индустријата за производство на гума, не само во Соединетите Американски Држави, туку и во целиот свет.
Како транспортен центар меѓу источниот брег на САД и делови од западот, Акрон денес е град кој има изградено и развиено индустрија не само во областа на производство на производи од гума, туку има и високо развиена индустрија и за производство на пластични материјали, полимери, хемикалии, метали, моторни возила, медицински помагала, инструменти и материјали за воздухопловството.
Економскиот тим ќе оствари средба со извршните директори на компанија која произведува медицински помагала и која веќе има производствени капацитети во Европа. Компанијата иницијално има пројавено интерес за можноста да префрли дел од своите фабрики од поскапите локации во Европа, во Македонија.
Во вечерните часови делегацијата ќе пристгне во Синсинати каде што утре продолжува со директни средби и посети во компании.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.