| четврток, 6 декември 2018 |

Се исплаќаат повисоки пензии за 5 отсто

 denari-pari

Почнувајќи од почетокот на овој месец, пензиите и социјалната помош се исплаќаат со најавеното покачување од 5 отсто. За разлика од многу земји во Европа и регионот каде поради кризата има намалување на плати, пензии , но и социјална помош, во Македонија истите не само што не се намалуваат туку и се зголемуваат.

-Ние најдовме начин, најдовме сили и можности, пред се заради нашето ветување, но и заради соодветното управување со буџетот, да овозможиме зголемување на пензиите на пензионерите, на социјалната помош за примателите на социјална помош – изјави неодамна премиерот Никола Груевски.

Пензионерите добија покачување на пензиите за 600 денари, за што во буџетот се предвидени 1,8 милијарда денари. Тие се задоволни бидејќи со ова ќе им се подобри животниот стандард.

– Со ова сме единствената земја не само во регионот туку и во Европа што успеа во вакви тешки времиња кога се чувствуваат последиците од кризата, не само да ги заштити пензионерите, да не се зголемува старосната граница и редовно да се исплаќаат пензиите, туку и да изврши зголемување на пензиите за износ што е значителен ако се има предвид колкави се финансиските можности на државата. Најдовме сили да ги покачиме пензиите во следните десет месеци и тоа ќе влезе во основицата и за следната година, за кога, доколку има можности, се планира дополнително покачување на пензиите – изјави вицепремиерот Ставрески.

Со зголемувањето на пензиите од овој месец, годинава просечната пензија ќе се зголеми за 62 проценти во однос на 2006 година, кога просечната пензија изнесувала 7.683 денари. Од септември, ќе биде зголемена и платата на вработените во државниот и јавниот сектор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top