Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 84. седница по скратена постапка ги донесе измените и дополнувањата на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Образложувајќи го предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, заменик-министерот за транспорт и врски Џелал Бајрами потенцира дека Владата предлага рокот за поднесување геодетски елаборати да се одложи наместо до јуни 2014, до крајот на 2015 година. Друга значајна измена, подвлече, е што се одложува и рокот за граѓаните кои своите тераси ги претвориле во станбени објекти или простории за домување, а немаат поднесено барање за нивно легализирање, тоа да можат да го направат до крајот на 2015 година.
– Измените се прават имајќи предвид дека добар број граѓани кои имаат поднесено барање за легализирање дивоградби не можеле да поднесат геодетски елаборати во согласност со Законот до јуни оваа година. Предвидено е до јуни да бидат поднесени околу 400 илјади барања за легализирање, а досега се поднесени околу 100 илјади геодетски елаборати. Владата реши на граѓаните да им излезе во пресрет, со цел нивниот имот и објектите кои се дивоградби да можат да ги легализираат – рече Бајрами.
На утрешната седница пратениците треба да гласаат за предлог-одлуката за распуштање на Собранието.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.