| четврток, 6 декември 2018 |

Го барале со потерница, а нема добиено ни казна за погрешно паркирање

lisice-hapsenje-1331803344-136476

МВР и судот направиле пропуст бидејќи во потерницата биле внесени само името и презимето, без никакви други генералии, па затоа скопјанецот имал проблеми секој пат кога се појавувал на кој било граничен премин, објави „Вечер“.

Исчезнати, криминалци, осуденици, затвореници, но и луѓе кои никогаш не го прекршиле законот може да се најдат на 2.500 активни потерници кои во моментов ги има покренато Министерството за внатрешни работи.

Во редакцијата на „Вечер“ на дежурниот телефон се јавило момче од Скопје (чии податоци се познати на редакцијата) кое објаснило дека има проблем секој пат кога ја напушта Македонија или пак, се враќа назад, бидејќи неговото име и презиме се идентични со идентитетот на криминалец баран со потерница.

– Тргнав за Германија кај тетка ми на гости и не ни сонував дека патот ќе ми стане ноќна мора. На аеродромот во Скопје при контрола на пасошите пред да се качиме во авион ме запре службеничката со образложение дека по мене е распишана потерница и се барам за издржување казна затвор – вели скопјанецот.

Тој се негодување почнал да се објаснува со полицајката дека такво нешто нема шанси да се однесува на него. Полициските службеници направиле уште една, овој пат детална контрола и на крајот излегло дека податоците на момчето се поклопувале со податоци на друг скопјанец кој се барал за издржување казна затвор. Нашиот соговорник го пуштиле да замине за Германија, меѓутоа на враќање на истиот граничен премин го имал истиот проблем. Тоа се должи на фактот што во објавената потерница имало само име и презиме на бараното лице, без матичен број или адреса, што е огромен пропуст или грешка на надлежните органи.

-Првпат се соочив со законот, со оглед на тоа дека немам ни казна за погрешно паркирање. Замолив некои пријатели во полиција да ми проверат за што станува збор, а повратната информација беше дека имало човек со мое име и презиме кој се барал за во Идризово. Тој веќе бил на издржување на казната, меѓутоа потерницата се уште не била повлечена. Зошто во неа се наведени само име и презиме, кое е идентично со моето, без задолжителните матичен број и адреса на живеење и понатаму не ми е јасно – вели скопјанецот.

Одговор за неговиот проблем „Вечер“ побара во Министерството за внатрешни работи, од каде што велат дека потерниците се распишуваат на барање на судот.

-Кога лице ќе направи кривично дело Министерството за внатрешни работи работи на тоа да го открие сторителот и за делото да покрене кривична пријава. Веднаш потоа целата документација се доставува до судот, кој, пак, понатаму работи на тоа да се казни или да се ослободи обвинетиот. По наредба на судот, МВР распишува потерници а исто така, по наредба на судот МВР и ги стопира потерниците. Наредба за распишување потерница може да добиеме и од затворска управа доколку некој од затворениците побегне – објасни портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Марија Јаковлевска.

Судот бара распишување потерница во случаите кога лицето за кое се води судски процес од некоја причина не е достапно за процесот. Тоа решение се доставува во МВР, кое веднаш распишува локална потерница. Под локална потерница се подразбира кога лицето се бара на подрачјето од градот во кој е родено или пак, живее. Така, ако бараното лице е од Скопје, се распишува потерница на ниво на градот Скопје.

Постои и централна, односно национална потерница, преку која се известуваат сите полициски сектори во целата држава. Од МВР објаснуваат дека и локалната потерница може да стане централна доколку помине извесен временски период, а лицето кое се бара не е пронајдено.

-Во случаите кога некое лице се наоѓа во странство и во тој период против него е поднесен обвинителен акт или пак, му е изречена затворска казна, автоматски се распишува меѓународна потерница и се известува и канцеларијата на Интерпол – објасни Јаковлевска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top