Во пресрет на денешната посета на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Вашингтон, САД и Израел разменија тешки зборови, при што американскиот претседател Барак Обама изјави дека Израел се соочува со неизвесна иднина доколку итно не биде постигнат мировен договор со Палестинците.
Обама, во интервју за Блумберг, го обвини Нетанјаху дека не сака да постигне договор со палестинските власти, за што неговата земја скапо ќе плати поради сменетата демографска ситуација.
– Доколку Биби не верува дека мировен договор со Палестинците е вистинскиот потег за Израел, тогаш мора да објасни кој е неговиот поинаков пристап. Тешко е да дојдеме до друг пристап, кој ќе биде одржлив. Американската посветеност на безбедноста на Израел не се менува од една до друга администрација, и таа е цврста како камен. Но, верувам дека ако не
видиме мировен договор и ако продолжи агресивното градење на израелски доселенички населби, како што се случува воизминатите неколку години, и ако Палестинците поверуваат дека не постои можност да се формира единствена палестинска дражва, тогаш нашата можност да ги држиме настрана меѓународните последици ќе биде ограничена, изјави
Обама, во острата порака упатена до Израел.
Односите меѓу Обама и Израел се затегнати до таа мера што израелскиот премиер Нетанјаху отворено го фаворизираше републиканскиот кандидат Мит Ромни на изборите во 2012 година.
Во последните месеци, извор на тензии е притисокот што произраелските групи и политичари во САД го вршат против договорот што САД, ЕУ и Иран го постигнаа за напуштање на иранската нуклеарна програма. Сенатори од двете американски партии побараа Обама да се откаже од договорот со Иран, оценувајќи дека Обама е наивен во пристапот кон Техеран.
– Загрижен сум дека овој договор може да биде опасен чекор кој ќе ја намали нашата можност да вршиме притисок врз иранскиот режим, без ниту една потврдена постапка од иранска страна дека ќе се откажат од производството на нуклеарно оружје. Оваа ситуација не потсетува на искуството што го имавме со Северна Кореја, изјави републиканскиот сенатор Џон Мекејн, кој денеска се обрати на конференцијата на АИПАК, најголемата про- израелска група во САД.
Обама реши да не се обрати на конференцијата, каде голем број од говорниците ја критикуваа неговата политика, како кон Иран, така и кон кризата во Украина. Во меѓувреме, телевизијата Си-би-ес објави дека една од темите на разговор меѓу Обама и Нетанјаху ќе биде американското барање Израел да запре со ликвидирањето на високи ирански офицери и команданти вклучени во програмата за нуклеарно оружје и кибер системите.
Според телевизијата, израелската тајна служба Мосад неколку години наназад систематски гликвидира ирански офицери и научници, преку атентатори кои со мотоцикли се приближуваат до нивните возила и поставуваат магнетски бомби.
Најмалку пет ирански научници биле ликвидирани на ваков начин во рок од неколку години, а од друга страна се
претпоставува дека Иран ликвидирал неколку Иранци кои им помагале на израелските агенти. Во октомври беше ликвидиран и Моктада Ахмади, командант во Иранската револуционерна гарда кој ја предводел програмата за компјутерско војување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.