| четврток, 6 декември 2018 |

Критики за шведскиот премиер за изразеното разбирање за интервенцијата на Русија на Крим

svedska

Шведскиот премиер Фредрик Рајнфелд е изложен на критики поради неговата вчерашна изјава дека „до извесен степен е разбирливо“ тоа што Русија дејствува на Крим, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

Тој денеска повторно го образложи својот став гостувајќи во утринската програма на Шведската телевизија (СВТ).

– Појдовна точка да се разбере проблемот е дека во Украина постои руски говорен дел, каде што жителите етнички се гледаат како Руси. Но тоа не го менува фактот дека однесувањето на Русија е неприфатливо. Мора да се разделат тие нешта – истакна премиерот Рајнфелд.

Тој, исто така, констатира дека дејствувањето на Русија ги крши Повелбата на ОН и меѓународното право.

Меѓу критичарите на ставовите на Рајнфелд остро реагираше шведскиот професор Вилхелм Агрел.

– Една од најнепријатните изјави од еден шведски премиер на кои можам да се сетам, и претставува израз на политика на попуштање кон Русија – наведе професор Агрел.

Тој во изјава за „Свенска дагбладет“ се прашува каква е таа „руска Украина“ за која зборува премиерот Рајнфелд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top