| четврток, 6 декември 2018 |

Скопјанец се обидел да поткупи сообраќајна полиција заради истечена дозвола

Скопската полиција со кривична пријава до обвинителството го предаде лицето М.Ф. (25) од Скопје, заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „Давање поткуп“. Имено, на 19 овој месец додека полициски службеник заедно со двајца приправници извршувале службени дејствија, околу 18.30 часот, на раскрсницата на ул. „Христо Татарчев“ и „Божидар Аџија“ пред „Шпаркасе банка“, запреле ПМВ „Фолксваген Голф“ заради сторен сообраќаен прекршок. Притоа, од пријавениот Ф.М. биле побарани потребните документи и откако му ги дал на полицискиот службеник му кажал дека возилото е со истечена важност на сообраќајна дозвола. По проверката во документите полицискиот службеник утврдил дека навистина сообраќајната дозвола е со истечена важност, по што Ф.М. извадил 500 денари и му ги понудил за да не му пишува казна.
Полицискиот службеник го предупредил дека тоа е кривично дело, но Ф.М. му ги ставил парите во сообраќајната дозвола, која била во рацете на полицискиот службеник, по што веднаш бил лишен од слобода и доведен во полициска станица во Кисела Вода.
За сторениот сообраќаен прекршок од страна на Ф.М. полицискиот службеник изготвил Записник за сторен сообраќаен прекршок и регистрирање на негативни бодови и му издал Платен налог за наплата на глоба.
Со спогодба Ф.М. е осуден на една година затвор, условно за три години. и му е издаден платен налог во висина од 500 евра, во денарска противвредност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top