Зимата уште трае, а во зима се јаде кисела зелка во повеќе варијанти. Варена посна зелка, зелка со свинско или со ребра, посни или мрсни сарми, подварок… Подварокот може да се зготви и со свинско и со телешко, а ние ви предлагаме мисирка на подварок.
Состојка:
Мисирка тешка до 2 кг
1 главица кромид
2 кг кисела зелка
магдонос
Масло за јадење
3 дл вода
Црн пипер, сол
Подготовка:
Исчистената мисирка се посолува, се мачка со масло за готвење, се зашива и се пече во средно жешка рерна два-три часа. Додека се пече, почесто се прелева со вода измешана со масло за јадење. Кога е печена, мисирката се остава во садот, на шпоретот, да не се олади.
Подготовка на подварокот:
Главиците кисела зелка се сечкаат ситно. Исечканиот кромид се пржи на масло за јадење и кога е пржен му се додаваат исечканата зелка и три децилитри вода. Се вари на умерена температура, додека не изврие водата. Тогаш се додава исечканиот магдонос, се додава црн пипер и добро се промешува.
Мисирката се вади од тавата и во сокот од печењето се додава зелката, се промешува и врз неа се става мисирката. Потоа тавата се става во рерна и се пече додека зелката не потемни и не испари водата, околу 30 минути.
Додека се пече, зелката неколкупати се промешува.
Подварокот се сервира на овална порцеланска чинија, врз него се реди месото исечено на парчиња и прелеано со сокот од печењето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.