Најхаризматичниот македонски дувачки бенд подготвува шоу кое за прв пат ќе биде претставено на главниот плоштад во Мексико Сити во рамки на фестивалот „Festival del Centro Histórico“, на 23 март 2014.Ова е најзначајната културна манифестација во Мексико Сити од 1985 година, која стана една од најатрактивните и инвентивни платформи за уметност во Латинска Америка и нуди одличен баланс помеѓу традицијата и авангардата претставувајќи ги најдобрите шоуа, артисти и културни експресии во светот.
Џамбо Агушеви Оркестра ќе настапат споделувајќи ја сцената со големите и престижни имиња како „Triciclo Circus band“, „Bostich“ и други.
Покрај тоа, групата во моментов работи на нов албум, од кој првите три синглови веќе го пробудија интересот на некои европски издавачки етикети.
А овој успех не доаѓа случајно. Минатата есен беше исклучително успешна за Агушеви Џамбо Оркестра. Бендот соработуваше со славниот италијански пејач Нино Д’Анџело (Nino D’Angelo) за неговата премиера во еден од храмовите на светската класична музика, „Teatro di San Carlo“ во Неапол во Октомври 2013. Оркестарот имаше чест да работи и со славниот маестро Роберто Де Симоне (Roberto De Simone) – „светиот монструм“ од италијанскиот свет на класичната музика.
Џамбо говори повеќе за ова неверојатно искуство: „Сан Карло е најубавиот театар кој го имам видено до сега. Моите пријатели од Италија ми велеа, дека сон на секој италијански музичар е да застане на таа сцена. Театарот има и многу стриктни правила, вклучувајќи ги и оние за аплаузите и однесувањето. Но ние направивме чудо: кога Нино Д’Анџело започна да пее на нашата музика, луѓето почнаа да стануваат и да танцуваат. Тоа не се случило никогаш претходно!“.
Импресиониран од енергијата на оркестарот и виртуозноста на Џамбо, маестро Де Симоне пак ги покани Џамбо Агушеви Оркестра како главни изведувачи на прославата на УНЕСКО во декември во Нола.
Понатамошната соработка со Де Симоне е планирана за ексклузивниот и иновативен проект, кој ќе претставува фузија на балканската треска и неаполитанската традиција.
Оркестарот често патува и во Турција каде што е секогаш одлично пречекан од ентузијастичката и верна публика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.