| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто градоначалникот на Кичево ја напуштил свеченоста за новиот автопат?

dehari

Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари во саботата демонстративно ја напуштил свеченоста по повод отпочнувањето на градежните работи на автопатот Кичево – Охрид. Оваа негова реакција била мирно проследена од страна на неговите сопартијци кои останале на манифестацијата до крај, јавува kicevo.mk.

Во дел од медиумите на албански јазик кратко беше пренесена неговата изјава дека „не било почитувано користењето на албанскиот јазик“, што според порталот, не е точно бидејќи пред присутните, на албански јазик свое обраќање имаше вицепремиерот Муса Џафери. Друга верзија е дека на Дехари не му било дозволено да биде еден од говорниците на манифестацијата од страна на кабинетот на премиерот Никола Груевски.

Но во јавноста подолго време кружи веста за внатрепартиска нетрпеливост помеѓу Фатмир Дехари со неговите соработници од една страна и Фазли Велиу, Муса Џафери и Али Ахмети. Несогласувањата излегле на виделина кога пред еден месец во Кичево се одржаламанифестацијана која посмртно бил одликуван албанскиот диктатор Енвер Хоџа, при што дел од публиката ја напуштила манифестацијата.

Изградбата на автопатот Кичево – Охрид кој е дел од Коридорот 8, е една од најзначајните инвестиции која отвора огромни можности за развој на кичевската економија и на регионот воопшто. Од позиција на градоначалник на Кичево, како што пишува kicevo.mk, Дехари нема никакво оправдување за таква постапка, а проблемите со неговите сопартијци не смеат никако да се одразуваат во функционирањето на општината.

За скоро една година откако ја презеде функцијата тој не успеа да се прикаже како градоначалник на сите кичевчани, а последните настани дополнително ја усложнуваат целата ситуација во Кичево.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top