| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Со чест и задоволство ја прифаќам иницијативата и ќе ја поднесам кандидатурата

gjorge-ivanov-652

Со чест и задоволство, имајќи ги предвид сите предизвици, сакам да изјавам дека донесов одлука да ја прифатам иницијативата и дека ќе ја поднесам кандидатурата на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова денеска го истакна актуелниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во своето обраќање до јавноста, во кое ја официјализираше неговата одлука, да ја прифати иницијативата поднесена од група интелектуалци и да се кандидира за втор мандат за претседател на државата.

– Имајќи ја предвид обврската која ја имам кон граѓаните, свесен сум колкави се нивните очекувања и чест ми е да бидам со мојот народ – истакна Иванов.

Иванов во своето обраќање пред јавноста изрази уверување дека заедно со сите граѓани на Македонија, без разлика на верските и националните определби, ќе донесува мудри одлуки, како што правел и досега.

-Во текот на целиот изминат период врвната цел беше одговорно, чесно и посветено да работам за интересите на македонските граѓани – рече Иванов.

Иницијативата ја потпишаа преку 50 интелектуалци, доктори, академици, свештени лица од повеќе религиозни заедници и спортисти, како и повеќе високи функционери од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top