Неколку илјади демонстранти излегоа на улиците на исландскиот главен град Рејкјавик, барајќи референдум, по одлуката на власта да дигне раце од членство во ЕУ
Најмалку 3500 лица се собраа пред парламентот на најмасовните демонстрации од финансиската криза во 2009 година, побара власта да го одржи ветувањето дека ќе оддржи референдум за членство во ЕУ. Исландската евроскептична влада минатиот септември ги прекина преговорите со Унијата, а во петокот објави нацрт-закон за повлекување на пријавата за членство во ЕУ, поднесена во 2010.
Опозицијата се пожали дека нмало време за дебата за ова прашање, па одлуката е одложена, а дебатата се очекува за неколку дена. Поранешниот шеф на дипломатијата, социјалдемократот Осур Скарфединсон, чија партија ги почна преговорите со ЕУ, сега порача дека „власта ќе успее само преку него мртов“.
Исланд неколку години е во кавга со ЕУ заради квотата за рибарење. Откако победи на изборите лани во мај, власта вети референдум за престанување на преговорите за членство. Спорот се заостри во септември кога ЕУ се закани со трговски санкции доколку Исланд не ја намали квотата за скуша, а Исланд одговори дека на неодредено време се повлекува од преговори.
Во секој случај, повеќемината Исланѓани се противат на членство во ЕУ, додека малкумина сметаат дека тоа ќе ја стабилизира економијата. Според анкетите, пак, мнозинството смета дека власта треба да ги заврши преговорите со ЕУ пред да го стави прашањето на референдум.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.